Аудио снимка од разговорот на пилотот со контролата на летање, пилотска грешка или проблеми со моторот причина за уривањето


Фото: Б. Грданоски

Според првичните информации, пилотска грешка или проблеми со моторот се причина за уривањето на авионот од типот Цесна кое го превезуваше семејството Бошнаков.

Четворицата бугарски државјани загинаа во падот на авионот, кој се урна пет километри северозападно од Солунска Глава.

Дел од бугарските медиуми, како телевизијата „Булгариа Он Ер“, објави снимка од разговорот помеѓу пилотот и контролата на летање, а грешката најверојатно е кај самиот пилот Георги Бошнаков.

Уште вчера за медиумите беше изјавено дека пилотот пред да исчезне од радарот пријавил турбуленции до контролата на летање. Во аудио снимката, која на својот „Јутјуб“ канал ја објави и „ТВ21“, јасно се слуша како контролорот го прашува Бошнаков дали се уште има турбуленции, при што пилотот одговара дека нема, но дека гледа голем облак низ чиј процеп има визуелен контакт со земјата, а облакот му прави проблеми. Комуникацијата се одвива на англиски јазик.

Веднаш во следната снимка пилотот и контролорот зборуваат на македонски јазик, при што контролорот го упатува кон запад. По ова следува комуникација меѓу контролорите на летање, при што едниот вели дека може да се прелета над Солунска Глава каде нема облаци, каде е сигурно и чисто, по што другиот контролор вели дека пилотот јавил за турбуленции и го снемало од радарот.

Од друга страна, главниот асистент за безбедност при летање на Техничкиот универзитет во Бугарија, Марин Петров, смета дека ниту една верзија не може да се исклучи како причина за трагедијата, а во вакви ситуации треба да се истражат пилотот, неговата обука, состојбата на авионот и временските услови.

„Забрането е да се лета во такви облаци со ваков тип на летала. Ова се облаци кои имаат силни турбуленции со големи нагорни и надолни струи, што е исклучително опасно, протокот е толку голем што може да доведе колапс на авионот и уништување веќе во воздухот. За мене турболенцијата не е нешто што треба да го присили да слезе под нивото на врвовите. Поверојатно е да имало проблем со моторот, а може да дошло и до замрзнување на управувањето“, објасни Петров за бугарските медиуми.

Toj исто така истакна дека Бошнаков имал аматерска лиценца за пилотирање со мали авиони, а таквата лиценца се стекнува со курс од неколку месеци, кој вклучува 140 часа теорија и 40 часа пракса. Петров исто така истакна дека авионот е одговорност на пилотот, а од контролата на летање можат да даваат информации и да советуваат.

Експертот за авијација, Ангел Борисов, вели дека местото на несреќата е тешко за летање, а теренот е опасен и не треба да се излетува од маршутата. Тој смета дека може да станува збор и за пилотска грешка, покрај лошите временски услови, а не е исклучена опцијата да станува збор и за откажување на моторот.

„Пилотска грешка може да е причина за инцидентот. Пилотот прво побарал да слета во Скопје, а потоа заминал за Софија. Друга веројатност може да бидат откажување на моторот“, вели Борисов.