Асфалтот во Битола распукал затоа што по него се движеле камиони, вели фирмата што работеше на улицата

Улицата е во индустрискиот дел на Битола, па логично е по неа да поминуваат камиони. Фирмата „БВ инженеринг“ наведува афалтот распукал поради „надворешни фактори“


Раскопаната улица „Бурса“ по асфалтирањето

 

БИТОЛА – Градежната фирма „БВ инженеринг“ од Битола, која ја асфалтира и реконструира улицата „Бурса“ во Битола или попозната како обиколницата во индустрискиот дел на градот, вели дека асфалтот на коловозот попуштил од тешкиот товарен сообраќај, или како што вели од „надворешни фактори“.  Улицата „Бурса“ е во должина од 2.418 метри, во овој проект се вложени 37,6 милиони денари, средствата обезбедени од Светска банка во проект за поврзување на локални патишта.

Улицата се реконструираше една година, беше пуштена во сообраќај во април годинава, а само по неполн месец коловозот распука на неколку места, се корни и асфалтот.

Во соопштението испратено до јавноста фирмата „БВ инженеринг“ наведува: 

„Првичните наоди укажуваат дека интензивниот тешко-транспортен сообраќај во изминатиот период, значително влијаел врз интегритетот на коловозната конструкција. Иако сите материјали и процеси беа усогласени со договорените стандарди, овие надворешни фактори доведоа до забрзана деградација на површинскиот слој“, велат од „БВ инженеринг“ и додаваат: „Приоритет ни е реконструкцијата да биде завршена во најкраток можен рок, со трајно решение што ќе ги издржи максималните оптоварувања од тешките товарни возила“.

Точно е дека по улицата „Бурса“ поминуваат тешки товарни возила, но тоа е логично со оглед дека тоа е сообраќајница во индустрискиот дел од градот, каде има стотина бизниси од различни гранки, кои со децении наназад трпат штети поради лошата патна инфраструктура. 

Фирмата која е изведувач на проектот за реконструкција на улица „Бурса“,  понатаму ја информира јавноста дека веднаш по увидот, презела се сè што е нужно за целосно и трајно санирање на појавените оштетувања на асфалтот. 

„Во координација со Општина Битола, Единицата за имплементација на Проектот за поврзување на локални патишта, Министерството за транспорт и врски и Светска банка, започнати се детални лабораториски испитувања на вградените материјали. Паралелно, нашите тимови го подготвуваат теренот за изведба на корективни зафати веднаш по добивање на резултатите и дефинирање на најсоодветното техничко решение, кое ќе биде со највисоки возможни стандарди“, наведува „БВ инженеринг“ и додава дека поправките ќе бидат без дополнителни трошоци за општинскиот буџет. 

Од градежната фирма ги коментираат и реперкусиите што вака реконструираната улицата ги предизвикала во јавноста: „Свесни сме за непријатностите кои се создадоа и уверуваме дека ќе работиме транспарентно, одговорно и доследно сè додека улицата ‘Бурса’ не биде целосно безбедна и функционална. Ви благодариме за трпението и разбирањето“, се вели во соопштението на „БВ инженеринг“ до јавноста.   

Состојбата со новиот асфалт на улицата „Бурса“ во Битола предизвика бура од реакции во јавноста и на социјалните мрежи.  

Градоначалникот Тони Коњановски рече дека иако Општина Битола не е директен финансиер на овој проект, но како краен корисник има одговорност да бара квалитетна реализација и  потврди дека во моментов се вршат лабораториски испитувања на вградениот асфалт, чија анализа треба да покаже дали се исполнети потребните критериуми, посебно имајќи го предвид фактот што низ улицата треба да сообраќаат тешки товарни возила.

Паралелно со улицата „Бурса“ на барање на општина Битола, ќе се преасфалтира и улицата кај новиот трговски центар во Битола „Блис“, на влезот од градот од страната на Прилеп. Според општината и тука има оштетувањата на коловозот кои беа констатирани изминатиот период иако улицата се реконструираше пред неколку месеци.