Асен Василев за влада со Бојко Борисов: Смешка си!
Поминаа неколку дена од изборите во Бугарија, а шансите да се формира влада во земјата и натаму се многу нејасни. Иако лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, прави се да се врати на премиерската функција, ниту се гледа јасен политички партнер што не е издевалвиран, ниту пак тој може да собере мнозинсто за влада без да ги направи отстапките што во континуитет му ги бараа и на изборите пред овие сега, главно поврзани со корупцијата. Поранешниот министер и еден од лидерите на Промените продолжуваат, Асен Василев, денес му порача на Борисов „дека е смешка“ и дека ако му треба мнозиснтво – сам да си го обезбеди, во смисла дека тоа нема да го прави неговата партија.
„Развој на темата за формирање евентуална влада кај нас нема да има се додека не завршат претседателските избори во САД“, тврдеше денес Симеон Дјанков, поранешниот министер за финансии од првиот кабинет на ГЕРБ. Тој рече дека имал средби со политички лидери од „десниот центар“. Во разговорите му рекле дека ќе го чекаат резултатот од трката во САД. Дјанков коментира дека нема некоја посебна логика во тоа, бидејќи ситуацијата во Софија не е меѓу првите сто работи што го интересираат идниот претседател на САД, но прецизираше дека политиката не секогаш почива на логика.
Според него, постои „само еден пат“ за создавање редовен кабинет. Тоа е малцинска влада на ГЕРБ. Дјанков коментира дека во среда или четврток (ден или два по изборите во САД) лидерот Бојко Борисов ќе објави дека е подготвен да добие мандат за формирање кабинет од претседателот Румен Радев.
„Од почеток велиме, го земаме мандатот, барем сме јасни победници, ќе направиме малцинска влада. Ќе поставиме неколку приоритети и оваа влада ќе работи на нив. Затоа е важно кој ќе биде претседател во САД. Да речеме брзото вооружување ќе биде еден од тие приоритети, особено ако Доналд Трамп стане претседател“, објасни тој.
Според него, шансата за коалиција меѓу ГЕРБ и ПП-ДБ е нула. „Тоа не било во интерес на втората политичка сила и тоа постојано го кажуваат“, нагласи Дјанков.„Има логика во ова, бидејќи тие сакаат некои приоритети кои во моментов ГЕРБ не ги сака“, рече Дијанков.
Василев го потврди тоа најдиректно.
„Воопшто не сме во позиција да зборуваме за конкретни поединци. Мора да се погрижиме никогаш да не се одржат избори на ваков долен начин“, рече Василев, околу гласните обвинувања од повеќе партии во земјата и претседателот Румен Радев дека имало многу нерегуларности на гласањето, многу купени гласови и дека во прашање е доведена и демократијата.
„Ова беа најчуваните избори досега“, тврдеше денес техничкиот премиер Димитар Главчев околу снимките што се појавија во медиумите и сомнежот дека има несовпаѓање меѓу преброените гласови пред камера и ставените во записникот.
„Изборите се манипулираа на повеќе нивоа по синџирот и овие изборни резултати не одговараат на вистината“, изјави на вонреден брифинг лидерот на Величие, Ивелин Михаилов.
„Тука не е ни прашање дали Величие има 3.999, а недостасуваат 21 глас, туку се работи за тотален фалсификат и недоверба на нормалното бугарско население во изборниот систем и воопшто владеењето, што доведува до катастрофални резултати во одѕивот на гласачите, кој постојано опаѓа . За да бидат целосно зацементирани на власта партиите како ГЕРБ и ДПС, бевме сведоци на манипулации, притисоци и физичко насилство“, посочи Михајлов.
„За жал, по седмите последователни избори, наместо да има повеќе причини за оптимизам, станува се потажно.Сигурен сум дека секој од вас се чувствува исто како и јас: лутина, бес, одвратност. И сето тоа е резултат на бруталниот обид некој да ве излаже. Да ти го украде гласот. Да манипулира со тебе. Да те заебе.Мислат дека ве поседуваат, дека се над законот, дека од законот ќе направат палка во нивните валкани,крадачки раце. Со овие исти раце до вчера купуваа гласови за денес преку медиумите, пред ваши очи да ги извртуваат во име на власта. И не ги допира законот“, реагираше и лидерот на Има таков народ, Слави Трифонов кој наклонува главно кон струјата на Румен Радев.
Проблем според него станува избирачкиот список според кој во Бугарија има повеќе гласачи од жители.
„Според статистичките податоци, последниот попис на населението во Бугарија, кој се одржа на крајот на 2023 година. јасно покажа дека населението брои 6.445.481 жител. Ова се сите: новороденчиња, деца, возрасни, мажи и жени. Сите! Меѓутоа, кога ќе дојдат избори, луѓето со избирачко право се повеќе од 6.601.000 луѓе. Односно, преку 200.000 луѓе над целото наше население. Зошто? Од каде доаѓа разликата? “, праша Трифонов.
Одговорот на овие прашања, тврди тој, лежи во избирачките списоци кои се преполни со таканаречени „мртви души“.
„Тие се веќе над милион и пол. И кога велиме „мртви души“, не се само мртви луѓе кои одеднаш „гласаа“ за партија од странство. Оваа аномалија понекогаш дозволува 1.500 луѓе да бидат регистрирани на адреса, обично во ромска населба. Овие „мртви души“ создаваат илузија за слаб одѕив на гласачите и на тој начин купениот и корпоративен глас успева да го порази вашиот независен и слободен глас“, рече Трифонов.
Од овој аспект, и одговорот на прашањето влада „со или без Дељан Пеевски“ од ДПС-Нов почеток“ е тежок за ГЕРБ, бидејќи најмногу обвинувања за злоупотреби на изборите се упатени на адреса на овој лидер, кому му сврте грб и половина од неговата партија бидејќи стана симбол за корумпираноста.
„Аритметиката може да излезе на поинаков начин, рече Дјанков. Иста е ситуацијата и со евентуален влез во еврозоната. Затоа зборуваме за приоритети кои „не разделуваат. Некои сакаат кордон околу Пеевски, некои како ГЕРБ, сакаат кордон околу Вазраждане. Другите партии како МЕЧ создаваат кордон околу себе. И, затоа зборуваме за тоа што е можно“, рече Дјанков.
Според него, можно е Дељан Пеевски да поддржи малцинска влада предводена од ГЕРБ.
„Ќе се појави тема кој е премиер, кој министер за финансии. Според мене, Борисов треба да каже: Ако се договориме за приоритетите, ќе предложиме неколку имиња, вие предложете неколку“. На пример, за премиер го предлагаме Бојко Борисов, го предлагаме Данчето Фандакова, ја нудиме Деница Сачева“, рече Дјанков.
ПП-ДБ ќе инсистира ГЕРБ со законски мерки да ја блокира можноста актуелниот Врховен судски совет да избере нов главен обвинител, но во исто време да именува нови луѓе во антикорупциската комисија и да ги именува регулаторите. Коалицијата која постигна втор резултат на изборите (14,2 отсто) исто така побара создавање „санитарен кордон околу Дељан Пеевски“, кој беше обвинет дека влегол во парламентот со масовно купување гласови и контролирано гласање. ПП-ДБ се чини не е подготвена да формира владејачко мнозинство со ГЕРБ доколку Борисов јасно се одвои од Пеевски потпишувајќи декларација за „санитарен коридор“ околу него. Борисов,пак, уште пред изборите изјави дека нема да биде кандидат за премиер доколку ГЕРБ добие помалку од 80 места во парламентот.
„Одговорот на можноста ГЕРБ да го предложи нивниот лидер за премиер е „не“. Дефинитивно не“, рече Петков.
„Одговорноста за формирање влада и избор на претседател на Народното собрание е на најголемата политичка сила. Но, ако сака да разговара со нас, оваа декларација ќе е гаранција дека тие не се зависни од Пеевски“, додаде Петков.
Според него, со потпишувањето на декларацијата, ГЕРБ ќе се обврзе да не дозволи лица зависни од Пеевски да влегуваат во регулаторните тела во случај на евентуална промена на членовите.
„Значењето на нашата декларација е да не се повторува трипати „се откажувам од сатаната“. Потрошивме 100 милиони за овие избори и знаеме дека трите закони за антикорупција не делат од 10 милијарди на ЕУ (парите се условени со избор на антикорупциска комисија на демократски и транспарентен начин и на главен обвинител во наредните 7 години). Ова ќе биде вистинскиот тест дали се се само зборови или ќе има дела“, рече Петков.
Тој изјави дека за нив само „Вазраждане“ е неприфатлив партнер за избор на влада бидејќи тие имаат сосема поинаква визија за Бугарија. Тој прецизираше дека мнозинството од 160 гласови за избор на нов состав на Врховниот судски совет се чини дека е недостижно во овој парламент, но има неколку работи што може да се постигнат.
„Антикорупциската комисија мора да почне со работа, изборот на Сарафов за главен обвинител и да се пополни (составот на) регулатори“, рече Петков.
Според него, шансата Уставниот суд да ги поништи изборите е многу мала и покрај обвинувањата за големо купување гласови.
„Парламентарно ќе го изолираме ДПС-Нов почеток на Пеевски и тоа е услов за сите што сакаат да разговараат со нас. Ќе им ја испратиме декларацијата пред да почне парламентот“, објасни тој.
Пеевски пак изјави дека ја добил довербата на близу 300.000 луѓе – Бугари, Турци и Роми и „нема да дозволи никој да ги претвори во луѓе од втор ред“.
Во исто време, ГЕРБ не го коментираше предлогот на ПП-ДБ за санитарен кордон околу Пеевски. „Позициите на ГЕРБ беа кажани веќе во изборната ноќ“, напиша партијата на Борисов на Фејсбук. Во неделата вечерта, лидерот на ГЕРБ дозволи можност за преговори со сите освен со „Вазраждане“.
Од Бугарската социјалистичка партија не даваат јасен одговор дали би учествувале во коалиција со „ДПС-Новпочеток“ и ГЕРБ.
„Има доволно десничарски партии во парламентот и доволно надрили за да владеат со земјата. Да ги оставиме десничарските партии да ја претстават својата визија и алтернатива за развој на земјата“, рече привремениот претседател на БСП, Атанас Зафиров.
Според него, коалицијата со која партијата се појави на изборите ќе одлучува колективно, но од партијата порачаа дека е рано да се разговара со кого би коалицирале и дека ќе го чекаат конституирањето на Собранието.
„Гласот на бугарските граѓани покажува дека нема начин една партија да владее сама така што осудени сме на коалициска влада. Да слушнеме какви ќе бидат нејзините форми, да слушнеме од носителите на мандатот, но ултиматумот што беше даден од лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов – „или ја поддржувате мојата програма или ништо нема да се случи“ – не навестува добро за секаков вид разговори и одлуки“, рече Зафиров.
Тој посочи дека социјалистите имаат неколку услови за коалиција.Тие се поврзани со енергијата, нуклеарната централа Белене, борбата против корупцијата, борбата против демографската криза, социјалните мерки, националната безбедност, мирот и суверенитетот.На прашањето дали Пеевски е подобен партнер, тој одговори дека „јасно и прецизно ги формулирал тезите за условите под кои би учествувале во било кои се разговори“.
Според него, десничарските партии сепак треба да преземат одговорност за владата, „бидејќи БСП нема да отстапи од своите левичарски пораки“.
Тој рече дека „секој здрав човек мисли дека новиот парламент треба да создаде редовна влада“.
На изборите во неделата коалицијата околу БСП доби 33 илјади гласови повеќе во однос на изборите во јуни, кога, сепак, и вкупниот одѕив на гласачите беше помал. За актуелните резултати на социјалистите Зафиров најави: „Го запревме колапсот на левицата. Трендот е обратен, насоката е друга“.
Инаку, според објавените конечни резултати денес, најмногу пратенички места на изборите доби ГЕРБ-СДС – 69, а потоа следи „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ со 37 пратеници. „Вазраждане“ ќе има 35 пратеници, „ДПС – Нов почеток“ – 30, „БСП – Обединета левица“ – 20, „Сојуз за права и слободи“ – 19, „Има таков народ“ – 18, а МЕЧ – 12. народни претставници.