Артан Груби ќе министерува од две згради
Вицепремиерот и министер за политички систем, Артан Груби, ќе министерува од две згради, т.е. од две канцеларии. Иако се всели во нова зграда вредна 14 милиони ера, тој и натаму ќе ја користи канцеларијата која важеше за најдобро опремена во владата на „Илинденска“, што му ја зеде на донеодамнешниот генерален секретар Драги Рашкоски. Информацијата за „Независен“ ја потврдија од Владата.
„Груби има двојна улога. Тој е прв заменик претседател на Владата на Република Северна Македонија и истовремено е министер за политички систем. Двете задачи се со сосема различни надлежности. Со првата го заменува премиерот во негово отсуство, врши други задачи и ги координира политиките на ресорите“, објаснија од прес-службата зошто „првиот вицепремиер“ ќе има и втор кабинет, што ќе го прави поспецијален од другите вицепремиери во Владата. Тоа значи дека во иднина, за различен повод за славење со Ахмети, вицепремиерот ќе може да избере различен кабинет.
Според прес-службата, кадарот вработен во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците сепак е преселен целосно во новиот матичен објект на адреса „Филип Втори Македонски“ бр.11. Дел од канцелариите се вратени на Генералниот секретаријат, а во дел од нив е сместен тимот на вицепремиерот Љупчо Николовски.
„Канцелариите во седмата кула, каде што беше сместена администрацијата, се под надлежност на Генералниот секретаријат. Во кабинетскиот дел на ‘Илинденска’, каде што беше сместен кабинетот на вицепремиерот Артан Груби, веќе е сместен дел од кабинетот на вицепремиерот Љупчо Николовски“, соопштија од прес-службата. (Н.В.)