Арсовски: Ако се предолги листите, ДИК може да ги продолжи изборите

Не гледам законска можност да не се избере градоначалник. Не гледам врска меѓу потписите за независните и неуспех на изборите, вели аналитичарот Петар Арсовски


 

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски не гледа можност да не успеат локалните избори во Македонија заради учеството на независните  и изјавите во тој правец ги смета за претерани – освен ако некој има сознанија дека независните листи со два потписи ќе се злоупотребуваат од некого. 

„Што значи тоа изборите да се неуспешни? Постои можност да не бидат избрани градоначалници, но нема таква можност за избор на советници. И еден граѓанин да гласа, ќе бидат избрани“, смета Арсовски во врска со дилемите во јавноста дали ваквите најави се мотивирани заради страв од големо учество на независни кандидати или – власта сака тоа да го искористи за да намести свои кандидати на овие позиции. 

Според Арсовски, се крева преголема тензија околу изборните листи бидејќи, ако се покаже дека поради нивната големина гласањето се одолговлекува, ДИК може без проблем да го продолжи рокот за гласање за 24 часа. Според него, би бил преголем политички упад ако ВМРО-ДПМНЕ сака на ваков начин да влијае на избор на градоначалниците, односно ако сака да стави свои повереници (од ВМРО-ДПМНЕ или од ВЛЕН) таму каде инаку не би успеале. Дури и при изборот на градоначалници во вториот круг на гласање учествуваат само два кандидати така што, вели тој, не гледам никаква поврзаност на избирачките листи со неуспех на изборите. 

„Не гледам законска можност да не се избере градоначалник. Не гледам врска меѓу потписите за независните и неуспех на изборите. ДИК може да го оддолжи процесот на гласањето и во вториот круг сигурно секаде ќе се изберат градоначалниците“, дециден е Арсовски.

Според негова оценка, политиката сега премногу се води на социјалните мрежи и станало модерно да се плашат од независни кандидати, а нема таква опасност.

И Александар Кржаловски од МЦМС реагираше со зачуденост околу дилемата дали ќе се изберат градоначалници или не, дури и во случај изборните ливчиња да бидат долги седум метри, како што прогнозираше премиерот Христијан Мицкоски. 

Поранешниот член на ДИК, Јанаке Витановски, во изјава за ТВ24, рече дека ако се случи  градоначалник да биде предложен од владата, тој ќе ја води општината најмалку три месеци,  период што е потребен за распишување и избор на нов прв човек на општината таму каде што изборите биле неуспешни. Вината за ваквата состојбата, според него, е во институциите кои сѐ почесто во  5 до 12 носат брзи решенија.

Изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека доколу има проблем во изборниот процес, владата има уставно и законско право да постави свои повереници да ги водат локалните самоуправи предизвика немир во политичките кругови. 

„Овој предлог е јасно антидемократски: ја поништува смислата на изборите и ја игнорира волјата на граѓаните кои можеби, замислете, би избрале независни кандидати за градоначалници или советници. Ова не е ‘политичка тактика’, туку директна најава за самоволие во општините, што наликува на грубото воспоставување на режим кој на сите ни е многу добро познат“, реагираа од политичката партија ДОМ која ги поддржува независните листи. Според нив, ваквата отворена закана е директен напад врз темелите на демократијата и претставува нескриена најава за враќање на авторитаризмот од времето на Никола Груевски.

Оваа партија бара премиерот веднаш да ја повлече оваа закана и да ги почитува уставните права на граѓаните.

„Го повикуваме претседателот на Собранието и сите парламентарни партии јавно да се изјаснат против најавениот тоталитаризам. Секој обид за наметнување ‘повереници’ наместо легитимно избрани градоначалници е кршење на законот и на политичкиот морал“, оценија од ДОМ.

Според  експертите, постои законска можност владата да именува свој повереник – ако и во вториот изборен круг не се избере градоначалник, но не гледаат можност да не се избере заради изборните листи и независните кандидати. Најавата за владини повереници следува откако новиот правилник на ДИК овозможи со само два граѓански потписи независните кандидати за советници и градоначалници да учествуваат на локалните избори. Следуваа реакции од независните кои сметаат дека со ова се отвора можност да се појават слични имиња со цел да се создаде забуна кај гласачите.

Инаку, најавата за владините повереници беше втора политички дискутабилна изјава дадена вчера од владини преставници. Претходно, министерот за правда Игор Филков најави можно преиспитување на принципот на гласање по Бадентер, еден од системските закони кои влијаат на меѓуетничките односи во земјата. По укинувањето претходно на балансерот, спорењето на пописот и спорењето на Законот за употреба на јазиците, со оваа најава се крева дополнително политичката температура во земјата со нејасна цел – дали навистина се преиспитува државното уредување или само се внесуваат теми кои ќе ги стават во втор план прашањата што не им одговараат на политичките партии пред изборите. (С.Ј.)