Арсовска седнува во градоначалничката фотелја на Град Скопје


Фото: Б. Грданоски

Данела Арсовска денеска и официјално ќе стане прва жена која ќе го раководи главниот град од осамостојувањето на Македонија, откако во петок Изборната комисија на Град Скопје ѝ го врачи Уверението.

Таа победи на неодамна одржаните локални избори каде во вториот круг имаше предност од над 28.000 гласови пред противкандидатот Петре Шилегов од кого денеска треба да ја преземе функцијата.

Арсовска се кандидираше како независна кандидатка по што ја доби поддршката од ВМРО-ДПМНЕ.

Приватно Арсовска е сопруга и мајка на еден син. Родена е во Скопје, 1979 година. По дипломирањето на Правниот факултет, се дообразувала на универзитетите во Оксфорд и Шефилд.

Пред да стане градоначалничка, Арсовска менаџираше со Сојузот на стопански комори од 2014 година до сега и е една од четирите жени носители на таа функција во светот.

Таа е дел од меѓународната мрежа на експерти во Г20 каде работи на креирањето на политиките за интегритет и усогласување на регулативата на најсилните економии во светот и е една од основачите на Македонската асоцијација на жени претприемачи.

Пред две години Арсовска е избрана за член во Бордот на Глобалниот комитет на жени лидери предводен од Свати Мандела, внуката на Нелсон Мандела. Таа е добитник на награда од Светскиот форум на бизнис-ангели, како најдобар пример кај жените во деловниот свет во Југоисточна Европа.

Во 2017 година е назначена за членка на судот за помирување и арбитража на ОБСЕ во Женева, Швајцарија, а исто така е и член на судот на постојаниот арбитражен суд во Хаг, Холандија од 2017 година. Во 2020 година, со согласност на Владата, Данела Арсовска стана почесен конзул на Унгарија.