Арсовска предлага ТВ-дуел со Ѓорѓиевски за (не)реализираните проекти од неговата програма


Ѓорѓиевски со Арсовска од март 2021 година, кога почнуваше генералното чистење на градот

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска вчера преку соопштение се обрати кон градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и побара од него ТВ дуел за да ги соочат фактите. Градоначалничката порача дека „навистина е тажно да се читаат соопштенијата на градоначалникот на Кисела Вода кои изобилуваат со небулози и докази на функционална неписменост“.

Според Арсовска, Ѓорѓиевски би требало да знае дека предлог-буџетот на град Скопје е доставен до советниците во Советот на Град Скопје на разгледување на разгледување во законски утврдениот рок пред Седницата на која треба да се разгледува и усвојува.

-За жал, функционалната неписменост на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ предизвикуваат сериозни проблеми за граѓаните на градот Скопје. Што се однесува на меѓуопштинските соработки, Ѓорѓиевски по четири години мандат сѐ уште нема научено дека таквата соработка ја одобрува Советот на градот Скопје. Оттука произлегува дека или советниците на ВМРО-ДПМНЕ не знаат да читаат, па по навика гласаат против на седниците на Советот на град Скопје или намерно ги блокираат меѓуопштинските проекти и соработка на градоначалниците од своите партиски редови, истакна градоначалничката преку соопштение.

Арсовска го спомна и премиерот Христијан Мицккоски во реакцијата до јавноста.

-Бидејќи неговиот шеф Мицкоски одбива телевизиска дебата, му предлагам на Орце Ѓорѓиевски во термин и на место кое нему му одговара за да ги соочиме реализираните проекти од неговата програма, каде ќе биде евидентно дека и покрај целосна поддршка која ја има во советот на Кисела Вода, сепак нема реализирано што ветил пред граѓаните. Вистината сепак е непријатна за ВМРО-ДПМНЕ, стои во соопштението на Град Скопје.

Реакцијата на градоначалничката следуваше откако Ѓорѓиевски, заедно со останатите градоначалници од скопските општини, учествуваа на координативна средба со Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славевски.

Средбата беше свикана во контекст на подготовката на буџетот за 2025 година. Градоначалниците на општините во Скопје се договорија за неколку клучни чекори, меѓу кои до петок да достават приоритетни проекти за вклучување во Буџетот за 2025 година. Побараа поголема координација меѓу градските и општинските служби, за реализација на проекти од значење за граѓаните. Укажаа дека немањето комуникација и транспарентност од страна на Градот создава хаос што ги засега сите жители на главниот град.