Арсовска повторно не дојде на седницата за советнички прашања


Фото: Б. Грданоски

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, повторно не дојде на седницата за советнички прашања, по што седницата беше прекината.

Советничката група на СДСМ веќе неколку пати го повторува својот став дека доколку на седницата за советнички прашња не присуствува градоначалникот, тие нема да учествуваат во таква седница.

Координаторката Љубица Јанчева го праша Славески дали градоначалничката е присутна.

– Само да проверам. Ако добро гледам не е присутна – рече Славески, алудирајќи на претходната епизода, кога тој не ја препозна Арсовска затоа што таа имаше сменето фризура.

Иако претходно беше речиси едногласно изгласан дневниот ред за денешната седница, претседателот на Советот Трајко Славески ја прекина седницата по пауза од пет минути, кои беа дадени за да се извести градоначалничката и да се појави во салата.

Арсовска речиси редовно ги бојкотира седниците за советнички прашања. Ретко кога присуствувала и давала одговор на прашањата.

По оваа следува 60-тата седница на Советот на Град Скопје, каде повторно на дневен ред се прашањата за купување нови автобуси за ЈСП, како и менување на возниот ред на ова претпријатие, но и предлог-Буџетскиот календар за 2025 година, годишни планови за вработувања во неколку јавни претпријатија и друго…

Во меѓувреме од Градот Скопје информираа дека ги реконструирале спортските игралишта во скопското средно училиште „Михајло Пупин“, со што се овозможуваат одлични услови за средношколците и наставниот кадар за одржување на наставата по спорт и спортски активности.

Новото игралиште за фудбал изградено по највисоки стандарди, им овозможува на младите спортистите кои учествуваат во училишната лига, но и на сите средношколци од училиштето да тренираат и да се надградуваат. Со инвестициите и проектите во скопските средни училишта, се обезбедува подобрување на условите за учениците и за наставниот кадар кој овозможува повисок квалитет на наставниот процес.(Б.Б.)