Жестока тирада на Арсовска: „Каде е шпицниот кандидат Мицкоски. Не го гледам“

Градоначалничката на Скопје го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека не им чинела „откако ви ги фатив директорчињата со рацете во медот“


(Фото: Б. Богдановска)

 

Театар или не, но денеска градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, отвори нејзин личен фронт против Христијан Мицкоски, лидерот на партијата која, во основа ја донесе неа на власт.

Денешната седница за советнички прашања во Советот на Град Скопје беше уште еден ринг каде што сосема неочекувано се отвори битка меѓу сојузниците кои го раководат Скопје.

Арсовска  испрати жестока тирада против претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, која ги најде затечени не само претседателот на Советот, Трајко Славески, туку и речиси сите советници во салата.

Одговарајќи на прозивките од советниците на ВМРО-ДПМНЕ за смената на директорот на „Водовод и канализација“ Златко Перински, наводно поради мрачни игри во тендерот за пречистителната станица вреден 136 милиони евра, Арсовска во жесток одбранбен гард рече дека откако го „фатила директорчето со рацете во медот“, одеднаш таа не чинела за ВМРО-ДПМНЕ.

„Во ВМРО-ДПМНЕ има многу чесни, вредни и храбри луѓе. Мицкоски за жал не е еден од тие. Како до вчера бев најдобрата градоначалничка, а кога ви го фатив директорчето со рачето во медот, не чинам. За спорниот тендер има кој да си одговори, зошто не се постапувало како што треба, и сите одговори ќе си дојдат кога треба. А, на шпицниот градоначалник Мицкоски да му кажам едно – да не се крие. Да се бореше со власта за спорните договори како што се бори овие три дена со мене, ќе ја спасеше Македонија“, порача Арсовска од говорница, поради што неколкупати ѝ беше исклучуван микрофонот од страна на Славевски.

Советникот од редовите на СДСМ, Гордан Шутаров, на почетокот на седницата се повика на песна од Игор Џамбазов, „Каква е оваа ситуација“, прашувајќи што се случува во градот и зошто јавноста не е известена за случувањата.,

„Најбогатата партија во Европа се скара со градоначалничката што ја поддржа на изборите, за провизии од тендери?“, се чудеше Шутаров, заклучувајќи дека градот наликува на циркус.

Советникот Луке Гелевски од ВМРО-ДПМНЕ, кажа дека Перински е жртва на притисок од градоначалничката, која побарала смена на членовите на Комисијата за евалуација на овој проект, а тврдењата ги поткрепи со допис од Арсовска во кој се бара смена на членовите на комисијата, а е испратен на 25 јули.

Гелевски праша зошто ако навистина Арсовска се сомневала дека Перински имал некакво влијание, месец и половина од дописот таа не ги известила надлежните институции. И зошто покрај негативниот одговор на Европската инвестициска банка, Арсовска упорно бара смена на комисијата?

„Кога се отвораа понудите за тендерот Арсовска имаше мотив да упадне во ‘Водовод’“, рече Гелевски, посочувајќи дека мотивот е Архан Керим, турски бизнисмен кој има поврзаност со фирма ученик на тендерот за пречистителната станица.

„Понудата на оваа компанијана на тендерот е 20 милиони пониска од останатите учеснички. А симптоматично е дека оваа информација беше споделена во јавност и пред да се отворат официјално понудите. Дали за ова требаше промена на членовите на комисијата за евалуација?“, ја праша Гелевски градоначалничката.

Но, во својот одговор, Арсовска не кажа ни збор за комисијата, за проектот или за фирмите кои треба да ја градат прочистителната станица, туку отворено го побара лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски:„Каде е шпицниот градоначалник, каде е Мицкоски? Не го гледам!“

Своето обраќање таа го заврши и со барање за оставка од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Гледам што зборува шпицниот за оставките, ако сака да зборува за оставки, Мицкоски треба да си почне од себе. Мицкоски немој да се закануваш, немој да се криеш, дојди тука во очи кажи ми што имаш“, рече Арсовска.

Арсовска, одговарајќи на новинарско прашање, што ќе направи откако Европската банка за обнова и развој, од каде се обезбедени повеќе од половина од парите за изградба на пречистителната станица, најави дека може да ги повлече парите за проектот, таа рече дека ако внимателно се прочита нивната изјава се гледа дека само може да се одложи проектот.

„Ако одложувањето е нешто со кое можам да превенирам некој да краде во оваа држава и да прави криминал, јас тоа ќе го направам“, рече Арсовска.

Повтори дека има постапка, докумантите се доставуваат до надлежните органи, а тие ќе кажат дали имало или не криминал.

Таа потенцира дека за ништо околу постапката не била информирана, па и во понеделникот кога „упадна“ на прес-конференција на Златко Перински, тие сами си состаночеле и си одлучувале. Во овој момент вели дека Градот Скопје нема претставници во комисијата која одлучува по тендерот за пречистителната станица.

Арсовска не се сомнева во ЕИБ туку во податоците кои ѝ биле доставувани.

Арсовска беше во задните клупи, а не во првиот ред (Фото: Б. Богдановска)

Отворениот судир меѓу Арсовска и Мицкоски почна откако во понеделникот од кабинетот на градоначалничката соопштија дека секретарот на Град Скопје, Ѓоко Велковски, и директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински, двајцата кадри од ВМРО-ДПМНЕ, се разрешени поради самоволие и сомнежи за обиди за влијание во милионски тендер за пречистителна станица. Во исто време стигнаа информации и од нивната партија дека тие сами си поднеле оставки.

Следниот ден, без директори останаа и „Градски паркинг“ и „Дрисла“ кои беа раководени од кадри на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Христовски и Јане Мицевски, кои на Фејсбук ги најавија оставките. Но, и за нив Арсовска, исто на Фејсбук, објасни дека поради несоодветно работење, неиспорачување резултати и непочитување на насоките на Градот Скопје, директорите добиле понуда да си дадат оставка или да бидат разрешени.