Арсовска не отстапува од изградба на „Боца Ивановска“, десетина семејства имаат дворови на државно земјиште
Целосно ново булеварско решение, со изградба на нова водоводна и атмосферска мрежа и осветлување

Проектот за изградба на булеварот „Боца Иванова“ во општина Бутел е еден од клучните проекти на програмата „За Модерно Скопје“, програма за која гласаа 120.000 граѓани жители на градот Скопје. Огромен број од овие граѓани се жители токму на општина Бутел, кои самите го истакнаа овој проект како клучен за нив.
– Оттука, морам со индигнација да ги отфрлам лагите кои последниве неколку дена ги изнесе градоначалникот на општина Бутел Дарко Костовски – рече денеска на прес-конференција, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Инаку, жителите од улицата „Хо Ши Мин“ во скопски Бутел излегоа на протест бидејќи не сакаат пред нивните куќи да се отвори патека за нова улица, бидејќи за асфалтирање на оваа улица ќе треба да им се одземе половина од нивните дворови која всушност е во сопственост на државата, а жителите велат дека за користење на земјиштето со години плаќаат данок.
-Ние нема да дозволиме да се прави овде улица, ќе правиме проблеми колку што треба, ќе ги паркираме автомобилите, ќе ги изнесеме децата. Улица нема да се прави, ја молиме државата да не ни прави проблеми, да не ни го руши мирот што го имаме – вели еден од нив.
Со поддршка излезе и градоначалникот на општина Бутел, Дарко костовски кој е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тој рече дека ќе побара од Град Скопје да го промени планот за улицата за истата да не биде во близина на куќите.
Инаку, се работи за капитален проект за изградба на целосно ново булеварско решение, кое вклучува изградба на нова водоводна и атмосферска мрежа како и ново улично осветлување. На булеварот се проектирани и велосипедска патека, пешачка патека и соодветно партерно уредување по целата негова должина.
– Согласно Генералниот урбанистички план градот Скопје, овој булевар е предвиден за изградба уште во во 2002 година, а подоцна и потврден во 2012 година кога градоначалник бил г-дин Коце Трајановски, инаку градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ – значи овој булевар е предвиден и ветуван нешто повеќе од 20 години – појасни Арсовска.
Булеварот се простира на државно земјиште, но сепак, во еден дел од трасата каде што треба да се изгради овој булевар постојат десетина семејства кои ги прошириле своите дворови на тоа државното земјиште врз кое е предвидена изградбата на овој булевар, а со тоа и го узурпирале земјиштето, што според член 225 став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија е казниво дело.
Таа сугерира дека одговорноста за узурпацијата на земјиштето, на крај, нема да биде на градоначалникот на општина Бутел Дарко Костовски, туку на оние кои го узурпирале земјиштето.
– Што се однесува на обвинувањата на Костовски, врзани за изградба на овој булевар, бидејќи на таа локација требало да се градат некакви згради, јавноста треба да се запознае со фактите, а градоначалникот да не напаѓа други за нешто каде тој е единствено одговорен и надлежен – додаде Арсовска.
Деталниот Урбанистички план на општина Бутел со кој се предвидува изградба на седум згради кои излегуваат на булеварот „Боца Иванова“ го направил тогашниот градоначалник Петре Латиновски, а го изгласале во 2015 токму советниците во советот на општина Бутел од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Овој ДУП за изградба на седум згради кој го изгласале токму од ВМРО-ДПМНЕ е сè уште на сила и во ниту еден момент во оваа измината година Дарко Костовски не реагирал да ги поништи овие седум објекти ниту на вцртувањето на нови згради во Бутел.
– Како градоначалник на градот Скопје го држам за збор градоначалникот на општина Бутел Дарко Костовски кој пред неколку дена изјави дека ќе го поништи актуелниот ДУП со кој се предвидува изградба на седум згради. Доколку навистина се залага против урбаната мафија како што кажа, ќе го реализира тоа што го вети и просторот ќе го пренамени за изградба на нов, модерен парк со содржини за спорт и рекреација – вели Арсовска.