Арсовска на ново градилиште во Чаир, до Ганиу: Сите те знаат што човек си (видео)

Градоначалничката на Град Скопје, замина на втора дивоградба во Чаир и го прозва чаирскиот градоначалник, да дојде и да објасни зошто се гради и на ова градилиште.
„Не ни се заканувај, не ни ги праќај овие со „поршиња“ да ни се закануваат“, му порачува во живо Арсовска на Висар Ганиу.
Заклучува дека тие што ќе купат стан тука ќе живеат со едно око отворено, а нема да знаат кој сѐ може да им влезе дома и што ќе им направи.
Вели дека е узурпирано земјиште на Македонија, а проценува дека има преку 3.000 квадрати.
Во исто време, Советот на Град Скопје одржува седница, каде повторно не се гласа за набавка на нови автобуси, не се гласа ни за БРТ системот, а советниците како да почнале со кампања за претстојните локални избори.
Од друга страна, додека Арсовска шета по градилишта на дивоградби низ Чаир, градоначалникот со церемонија, во паркот „Украина“ ја отвори поставката на скулптурата „Горчливото сеќавање на детството“ – омаж за децата жртви на Холодоморот во Украина (1932–1933) и повик за рефлексија за трагичните последици од војните и неправдите.
Настанот беше реализиран во соработка со Амбасадата на Украина во Скопје, со присуството на амбасадорката Лариса Дир, која ја нагласи важноста на пријателството и солидарноста меѓу народите. Според градоначалникот Ганиу, овој симболичен чин е доказ за посветеноста на Општината кон промовирање на мирот, историското сеќавање и хуманите вредности.