Арсовска му одговара на ВМРО-ДПМНЕ: Полицајци на Тошковски фатени како крадат вода


 

Со секој ден ВМРО-ДПМНЕ влегува во нов судир со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска (нивен кандидат на последните локални избори) и наместо да го осуди нападот врз неа ја обвинува дека главниот град страда за вода. Арсовска одговори остро, велејќи дека „полицајци на Тошковски“ се меѓу тие што диво се приклучуваат на водоводната мрежа.

„Кога ВМРО-ДПМНЕ обвинува за недостаток на вода во Скопје, заборава да додаде дека токму полициските службеници на Панче Тошковски од МВР се фатени за диви приклучоци на мрежата на ЈП ‘Водовод и канализација’ во Шуто Оризари и за истите МВР по службена должност нема поднесено кривична пријава за кражба.

Исто и на дивоградбата каде беше физички нападната градоначалничката Данела Арсовска, беше утврден див незаконски приклучок на вода, а Панче Тошковски дозволува таму да се продолжи со градба и се стави во одбрана на насилникот Сулејман Љамалари“, вели во одговорот Град Скопје.

Во него се додава:

„Во услови на рекордна потрошувачка од 356.000 м³ дневно и во просек по фатени и спречени 30 нови диви приклучоци секој ден, некој сѐ уште глуми политички загриженост. Додека едни крадат вода и не плаќаат ни денар, граѓаните кои чесно си плаќаат, трпат поради пад на системот.

Одговорноста е јасна. Проблемот не е водата, проблемот се оние што ја добиваат џабе и институциите што ги штитат“.

Претходно од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија Арсовска дека се занимава со „висока политика“ кога ги открива дивоградбите и бара постапување на институциите.

„Додека Данела Арсовска мисли дека се занимава со висока политика и слугува на ДУИ и СДС половина Скопје нема вода. Додека Арсовска не може да стане од скутот на ДУИ и СДС, ЈП ‘Водовод’ праќа соопштенија дека граѓаните треба да пијат помалку вода, затоа што е лето и најверојатно сите пијат повеќе.

Жално е до кое дереџе го донесе Данела Арсовска градот“.