Арсовска: Кризите со јавните градски претпријатија се политички мотивирани


Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска (Фото: Б. Грданоски)

Проблемите на скопјани поради кризите со јавните градски претпријатија се политички мотивирани и се решаваат многу едноставно. Нив треба да ги решат 45. лица коишто земаат по 600 евра за присуство на седница во Советот на град Скопје. Тоа е единствениот начин, порача денеска градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска. 

– Како што постои во парламентарна демократија Парламент којшто носи закони коишто Владата ги спроведува, така и во градот Скопје постои Совет којшто мора да донесе одлука за градоначалникот и директорите на јавните претпријатија да ги спроведат. Верувам дека на целата јавност веќе по три години им е јасно дека ова се е политички мотивирано и дека доколку тука би стоел некој полтрон којшто би бил корумпиран, би ги решавал проблемите како што тие сакаат, да ги брцаат рачињата во медот на секои пет минути како им е ќеиф, вакви проблеми ние немаше да имаме, рече Арсовска во одговор на новинарско прашање по засадувањето дрвца во Мега паркот во Карпош заедно со првиот вицепремиер Изет Меџити и евроамбасадорот Михалис Рокас. 

Прашана за колку дена има ЈСП Скопје нафта за автобусите од интервентната набавка и кога ќе се распише тендер, рече дека не би знаела.

– Јас не распишувам ништо ново, тоа би требало како прашање да го упатите до директорот на ЈСП, посочи Арсовска.

За договорот што Советот го постигна со приватните автобуски превозници во градот за превоз по километар оцени дека бил паушално направен и без методологија поради што има мала разлика од усогласувањето кое сега им е понудено и кое, како што рече, е направено согласно параметрите што ги диктира пазарот. 

– Има мала разлика меѓу договорено, тоа е нешто кое што паушално беше направено пред некои 15-ина дена и ова кое што се работеше во изминатите две недели, а тоа е согласно методологија која што е изгласана од страна на Советот на град Скопје која што е активна како одлука на Советот на град Скопје со параметрите коишто ги диктира пазарот. Беше направена сериозна анализа од страна на службите, независни експерти, професори и вешти лица коишто беа ангажирани во овој процес во изминатите две недели коишто направија токму цена која што е онаа која што одговара на потребите на пазарот, односно усогласување кое што пропорционално ќе се изврши на цените коишто треба да бидат платени кон приватните превозници, појасни Арсовска.