Арсовска избрана за потпретседател на ЕПП за локални власти, а таа тврди дека е независен градоначалник

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денес се обрати во Советот на Европа во Стразбур на Конгресот на локални и регионални власти во улога на претседател на Форум на градоначалници при Обединетите нации со денес новоизбраниот претседател на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа Марк Кулс и Матие Мори, генералниот секретар на Конгресот. Арсовска доби и уште едно признание во меѓународни рамки за својата посветеност и работа за остварување на проектите во интерес на граѓаните.
Градоначалничката на Град Скопје ја доби целосната доверба на Европската народна партија и едногласно беше избрана на висока функција во структурите на партијата во рамки на Конгресот. Арсовска на предлог на претседателството на Европската народна партијата во Конгресот едногласно беше избрана за потпретседател на Европската народна партија за локални власти, додека за претседател на Европската народна партија за локални власти беше избран Андерс Кнапе, соопштија од Град Скопје.
Арсовска како претседател на Форумот на градоначалници на Обединетите Нации и член на Управниот одбор на Глобалниот парламент на градоначалници во ноември ќе биде домаќин на над 100 градоначалници од САД, Европа, Азија, Блискиот Исток, Африка и каде преку платформа се отпочнува со заеднички проекти за надминување на предизвиците со кои се соочуваат локалните самоуправи, особено преку соработка за грижата кон сите граѓани, инклузивност, одржливост и инфраструктурата.
Арсовска на градоначалничката функција дојде со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, партија членка на Европската народна партија, но од тогаш наваму инсистира дека е независен градоначалник на Скопје.
ЕПП е најголемата и највлијателната политичка група во Европската унија, во неа членуваат скоро сите демохристијански партии од земјите членки на ЕУ и земјите кандидати.