Арсовска го разреши директорот на МКЦ, Богоев, од утре ќе управува дипломиран детектив

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска го разреши в.д. директорот на Младинскиот културен центар, Ванчо Богоев, кој на директорската фотелја седна пред една година, веднаш откако Арсовска стапи на функцијата. Денеска, Град Скопје појасни дека не е назначен нов директор на оваа кулрна установа, но тоа ќе се направи откако ќе бидат разгледани биографиите за позицијата.
Од МКЦ денеска ја објаснуваат ситуацијата:
Во попладневните часови вчера, постоечкиот в.д. директор на МКЦ, Ванчо Богоев кој е 36 години е дел од институцијата и кој со својот едвај целогодишен мандат продолжи во насока на растење и одржување на програмата на МКЦ, беше сменет од својата позиција поради неподлегнување на екстремните притисоци од Генералниот секретар на Град Скопје да потпише вработување за Арбен Шаќири.
Бидејќи, сега веќе екс директорот на МКЦ не ја потпиша таа одлука, од утре МКЦ има нов в.д. директор, Никола Алексов, дипломиран детектив, кој е примен пред два дена преку Агенција за привремени вработувања во МКЦ без никакво искуство и позадина во културна институција.
И покрај признанието кое дојде како круна на нашето работење со наградата “13 Ноември” за заслуги во областа на културата и масовната посетеност, можеби и најголема во историјата на институцијата по повод 50 годишниот јубилеј, годината почна со лоши вести за иднината на МКЦ. Првата е онаа дека буџетот ни е доведен до само 8% од годишниот буџет со кој работевме минатите години, а веднаш потоа и последните случувања во начинот на инсталирање на директор во МКЦ.
Овој допис доаѓа како потреба за разјаснување на ситуацијата која се наметна, истовремено и поради сомнежот во законитоста на овие решенија бидејќи со ова, се одбегнува повотрно можноста да јавно се спроведе отворен конкурс за директор, на кој отворено и транспарентно би можеле да се пријават сите квалификувани професионалци од областа на културата.
Богоев пак, вчера за Фокус рече дека „поминал цела голгота“, особено последната недела, а смета дека неговото разрешување доаѓа откако се побунил и побарал повеќе пари за МКЦ од Град Скопје, затоа што за годинава доделени им се само два милиони денари, или околу 32.000 евра.
„Денеска ме викнаа да ми го врачат решението за разрешување од функцијата без никакво посебно образложение, освен што е наведено дека заклучно со утре изминуваат шест месеци. Како тоа сега им пречам како директор и не ми продолжија, кога претходно без никаков проблем ми го продолжуваше мандатот. Или, причина за тоа е што се спротиставив и не играм по нивно“, изјави вчера Богоев.
Тој додава дека главните проблеми почнале откако се побунил дека буџетот на МКЦ за една година изнесува два милиона денари (околу 32.000 евра), што според него е срамно.
„Генералниот секретар на Арсовска, Зоран Глигоров, цела недела ми се закануваше со разрешување, ме уценуваше и малтретираше. Што очекуваат да се направи само со два милиони денари буџет за целата програма на Младинскиот културен центар? Оттука почнаа несогласувањата. Јас работам 36 години во оваа институција. Истата таа градоначалничка која на 13 ноември лично на мене ми ја додели 13-ноемвриската награда, за два месеци ме разрешува“, вели Богоев.
Според Законот за јавни претпријатија „до изборот на нов директор, управниот одбор, односно градоначалникот на општината, односно на градот Скопје во рок од пет дена од донесувањето на одлуката од ставот 2 на овој член, именува вршител на должноста директор на јавното претпријатие, но не подолго од шест месеца“.
Сепак според изјавата на Богоев, досега не било проблем градоначалничката да му го продолжи мандатот, а сега го разрешува откако го награди со највисоката награда која ја доделува Градот.