Арсовска: Го охрабрувам Славевски да ја стави точката на приватните превозници на дневен ред
На денешната седница на Советот на Град Скопје, барањето за зголемување на цената по извозен километар за приватните превозници кои учествуваат во градскиот превоз, не беше ставено како точка на дневен ред, затоа што не била одобрена од градоначалник.
Со оглед на тоа што тоа барање стигнало вчера попладне, можеби и градоначалничката, а и Советот требаше да бидат побрзи и пофлексибилни, затоа што одлуката Советот да не глааса по барањето доведе до одлука на приватните превозници попладнево повторно да се исклучат од сообраќај, а истото го најавија и за следните денови. Најавија дури и блокирање на некои крстосници во иднина.
Вечерва пак, градоначалничката Данела Арсовска, го прозва претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славевски дека „никогаш не успеал да собере храброст самиот да донесе одлука, а овој пат бара поддршка од мене – ја има“.
– Го охрабрувам Трајко Славевски, како што и веќе на писмено му одговорив во текот на седницата на Советот со доставување на мислењето од моја страна кое го бараше, да ја стави точката на приватните превозници на дневен ред и заедно со останатите советници да ја разгледаат и да донесат одлука дали ќе ја поддржат и ќе прифатат зголемена цена за превоз на приватните превозници или не. Биди храбар Трајко! – порачува Арсовска.
Тешко дека ова ќе го реши проблемот со градскиот превоз во Скопје, но останува да видиме дали Славески повторно ќе свика седница на кој би се ставила точката по барањето од приватните превозници, на кои Градот преку ЈСП им должи пари за услугата веќе неколку месеци.
Последниот месец тие се вклучуваа во сообраќај само попладне и тоа не сите, а откако автобусите на ЈСП останаа без гориво, приватните превозници возеа редовно следните два дена.