Арсовска го нарече „небулозно“ образложението на Бирото за јавни набавки при регулирана цена на горивата
Градоначалничката Данела Арсовска го нарече „небулозно“ образложението на Бирото за јавни набавки за поништената набавка на гориво еуродизел за автобусите на ЈСП „Скопје“, поради што колабираше јавниот превоз во главниот град. Арсовска, во интревју за Телма, вели дека не може да се зборува за подобра или полоша понуда за набавка на гориво во ситуација кога цената е регулирана од страна Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
„Она што беше дадено како образложение во јавноста, односно како причина за (поништување н.з.) на самата набавка за нас е небулозно затоа што не можете да имате подобра или полоша понуда за набавка на гориво кога цената е регулирана од страна на Регулаторната комисија на Република Македонија. Таа е иста цена за сите, не може да биде поголема или пониска, не може да се наддава на таа цена затоа што цената е веќе одредена од Регулаторната комисија за енергетика“, вели скопската градоначалничка.
„Критично“ за неа, како што додава Арсовска, било тоа што директорката на Бирото за јавни набавки ја донела одлуката за поништување на набавката сега и што имала замерка што само една компанија дала понуда.
„Има замерка на тоа дека една комапнија дала понуда, што е нормално. Сите ги гледаат притисоците, ретко кој се охрабрува во претпријатие што е таков загубар да го снабдува со енергенси, и кога веќе се осмелил, сметам дека е не само политички и неумесно, туку и штетно да се прават сега такви работи“, вели Арсовска.
Од Бирото за јавни набавки, денеска претпладне соопштија дека Јавното сообраќајно претпријатие „ЈСП“ – Скопје избрало неприфатлива понуда за најповолна при набавката на горивото еуродизел и ова, според Бирото, било увидено од управната контрола. Оттаму велат дека понудата, која била и единствена поднесена во постапката, не исполнува услов што самото Јавно сообраќајно претпријатие го навело во тендерската документација. Истото, според Бирото, е наведено и во самиот извештај од спроведената постапка во Комисијата за јавна набавка во претпријатието.
По состанокот на Владата закажан специјално за автобуската криза Бирото ја повлече сепак својата одлука и ја одмрзна постапката, практично откако тврдеше дека за тоа има законска пречка, т.е. практично го прекрши законот на кој се повикуваше.