Арсовска: ЕСМ да го санира мостот, за да почне грејната сезона навреме
Градоначалничката Данела Арсовска е децидна дека мостот „Беласица“ е безбеден и сигурен и тоа го имаат како податок според вештачењето, а за да се пушти во целост, треба санација во долниот дел.
-Тоа е предусловот и за да се монтираат цевките на топловодот. Не може монтажа без санација. Јас верувам дека ќе го направат додека не почне грејната сезона. ЕСМ ја презеде обврската – рече Арсовска и додаде дека нема да биде вина на Градот Скопје доколку дојде до проблеми со грејната сезона.
– Многу ми е жал што дел од личностите кои се дел од институциите, а дел надвор од нив, пласираа извесни несоодветни информации, голем дел и манипулации, кои се поврзани со мостот „Беласица“. Таму сите знаете каква е ситуацијата, некои минорни оштетувања на мостот, коишто сепак постојат иако не ја ефектураат стабилноста и безбедноста на мостот, меѓутоа надворешноста, изгледот и можноста да се монтираат нов сет на цевоводи коишто би биле во функција на топловодната мрежа мора да се санира првенствено од штетата којашто е предизвикана од изолацијата од горењето, за да може да настане монтажата – рече Арсовска.
Денеска, пак, биле спречени камиони таму да работат, а таа посочи дека се спречени затоа што не поседуваат соодветна документација.
– Вие не можете без да имате соодветна дозвола за работа, за постапување со тешки товарни возила да циркулирате во делови на градот кадешто за истото ви е неопходно да имате соодветно одобрение или дозвола – рече Арсовска.
Појасни дека, веднаш по завршувањето на иницијалната санација од страна на ЕСМ, тие ќе отпочнат со монтирање на цевоводот, а тврди дека и едното и другото се нивна обврска.
– Во истото Градот Скопје нема никаков импут, нема никаква обврска, нема никакво влијание ниту е надлежно во кој рок да им наложи да ги монтираат работите коишто се во интерес на тоа тие да ја отпочнат грејната сезона на време – додаде Арсовска.