Арсовска до Ѓорѓиевски: На здравје да ви е кафето со Вики Ганиу – доаѓам и во Кисела Вода

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во постови на поранешна новинарка на социјалните мрежи, препозна нарачка од претендентот за нејзината фотелја, Орце Ѓорѓиевски, сегашен градоначалник на Кисела Вода.
Исто така, преку пост на Фејсбук Арсовска, му порачува дека штом заврши со Висар Ганиу, градоначалникот на Чаир и дивоградбите за кои обвинува дека ги гради и ги легализира незаконски, ќе се сврти и кон Кисела Вода.
Името на Орце Ѓорѓиевски одамна се спомнува како кандидат за градоначалник на Скопје од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, иако досега не е јавно објавено, со оглед на тоа дека има уште најмалку двајца претенденти. Ѓорѓиевски веќе ѝ зеде едно место на Арсовска, кога кусо по локалните избори место неа седна на претседателското столче во ЗЕЛС (Заедница на локални самоуправи).
Прочитајте што му напиша Арсовска на Ѓорѓиевски на Фејсбук.
„Јоци по наредба на Орце Самка Ѓоргиевски пишува нарачки по социјалниве мрежи. Орце бидејќи заткулисно правиш нарачки против сите кои ти сметаат, еве да ти се обратам лично!
Ти може ќе бидеш кандидат за град Скопје, може не, може имаш криминал, може не, ама јас истраги од финансова полиција немам.
Да имав било каква постапка до сега и СДСМ и вашата Мицковистичка ВМРО ќе ме однесеа во затвор за 5 минути, точно за толку време колку ви треба да искуцате наредба за апсење, многу сте јаки.
Е сега, бидејќи сум на Конгресот на Совет на Европа известувач и портпарол за справување со корупција, сакам да ти порачам да не брзаш преку ред, остави го Висар да се дозаплетка со криминалот и фалсификатите за дивоградбите, па ќе преминеме на Кисела Вода.
И џабе ти се Орце нарачките, на жена се заканувате со години, сила ми покажувате со години, јас сама против сите вас, а ништо освен ПР и сликање не сте направиле, скопјани поради вас немаат автобуси, немаат функционални претпријатија.
Ама затоа скопјани имаат од вас гратис многу други работи, само не брзај има време ќе дознаат! А до тогаш продолжи да напаѓаш, очекувано е тоа и наздравје нека ви е кафето и дружбата со Висар Вики Ганиу! “, а објави и неколку заеднички фотографии од Ѓорѓиевски и Ганиу.