„Ars Naturae” : Роберт Ивановски со колекција инспирирана од шпанската керамика
Дизајнерот Роберт Ивановски има нова модна колекција насловена “Ars Naturae”.
„Фасциниран од традиционалните методи на правење керамика што се користат повеќе од пет века во шпански градови Талавера де ла Реина и Ел Пуенте дел Арзобиспо (во провинцијата Толедо), кои сеуште имаат заедници на занаетчии кои изработуваат керамички предмети за домашна, декоративна и архитектонска употреба, секој со свој идентитет, гледано во одредени детали во моделирањето, боите и глазурата на парчињата, се роди инспирацијата за оваа колекција. Колекцијата се состои од црна, сина и млечно бела боја, збогатена со рачно насликани принтови инспириран од декоративните мотиви на Helechos y Golondrinas (папрати и ластовички), кои се едни од најпопуларните керамички серии на Талавера, кој датира од крајот на 16 и почеток на 17 век“, објаснува Ивановски.
Првиот дел од колекцијата беше претставен во март оваа година на Модниот викенд во Скопје, како дел од проектот “Дијалози”, кој беше во организација на амбасадата на Шпанија во земјава и Модниот викенд.
„Колекцијата го носи името “Ars Naturae”, латинска фраза што во превод значи “уметност на природата” и носи длабоко симболично значење. Фразата сугерира дека самата природа е форма на уметност која постојано се развива и сугерира хармонија помеѓу човечката креативност и природниот свет. “Ars Naturae” ја отсликува идејата дека уметноста и природата се испреплетени, при што природата честопати е крајна муза за креативно изразување. Колекцијата е изработена од природни ткаенини како лен и памук и е наменета за следната сезона, пролет-лето 2025, вели Ивановски.
Фотографија: Ани Дими
Модели: Мартина Марковска и Александар Додевски