Армијата на ботови на Путин објавила над 30 милиони коментари за четири месеци
По скандалот со изборите во Романија медиумите се фокусираа на протечени документи за начинот на кој Москва ја користи технологијата и социјалните мрежи за да ја наметнува својата пропаганда надвор. Тие истражувања открија дека руска пропагандна компанија работела на популаризација на екстремно десничарските партии во Европа – и создала барем еден мем споделен од Илон Маск.
Збир на протечени документи добиени во септември од страна на германските медиуми Зидојче цајтунг, НДР и ВДР содржеа детали за големата руска кампања за дезинформации со цел да се зголеми поддршката за екстремно десничарските партии и да се поткопа поддршката за Украина на Запад. Пропагандната кампања „вклучуваше разновидна мешавина од мемиња, фалсификувани видеа, владини документи и мрежа на веб-страници кои имитираат легитимни вести низ Европа за да шират лажни приказни насочени кон поткопување на западната поддршка за Украина по целосната инвазија на Русија во февруари 2022 година“. Проектот забележува дека еден мем што го омаловажува Володимир Зеленски околу барањето помош од Запад за Украина го споделил и милијардерот Илон Маск.
Субјектот зад кампањата е руската ИТ компанија наречена Агенција за социјален дизајн (СДА), која спроведува проекти во име на администрацијата на Владимир Путин. Според протечените документи цитирани од порталот VSquare, армијата на ботови на компанијата објавила 33,9 милиони коментари и создала 39.899 содржини на социјалните мрежи, вклучувајќи илјадници видеа и меми, во првите четири месеци од 2024 година.
„Во внатрешните дискусии, инволвираните не избегнуваат да признаат дека произведуваат лажни вести и дезинформации. Изборите во Европа и во САД беа примарни цели“, напиша VSquare..
Протечените документи исто така покажуваат дека Павел Дуров тајно ја посетил Русија десетици пати откако јавно се откажа од земјата. Само неколку дена откако основачот на Телеграм, Павел Дуров беше уапсен во Париз кон крајот на август, новинарите од iStories користејќи податоци од граничните премини на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) утврдиле дека милијардерот патувал во Русија повеќе од 50 пати откако се оддалечил од земјата во 2014 година.
Таа година, Дуров го продаде својот удел во VKontakte и се исели од Русија, пишувајќи: „Нема враќање назад. Особено откако јавно одбив да соработувам со властите“. Но, според објавените записи, Дуров патувал во Санкт Петербург во 2015 година – и направил уште најмалку 41 патување во Русија во следните две години.
Документите покажуваат дека овие посети продолжиле откако Москва го усвои „законот Јароваја“, кој бара од компаниите да дозволат ФСБ да пристапи до податоците за пораките на корисниците, па дури и откако Кремљ започна пропагандна кампања против апликацијата на Дуров, Телеграм, по нејзиното одбивање да се придржува кон законодавството.
Руските власти исто така користат онлајн програма наречена Clicker Pulse за да следат дали пораките од претседателскиот говор се прифаќаат или не наидуваат на оддек. Во јуни, Медуза објави истрага за онлајн програмата што руските власти ја користат за да насочат пораки до одредени сегменти од општеството. Софтверот наречен Clicker Pulse, им овозможува на пропагандистите да следат кои поединечни пораки од говорите на претседателот резонираат со одредена демографија. Користејќи ги овие информации, менаџерите на страниците на социјалните медиуми усогласени со Кремљ потоа можат да ги зајакнат или потиснат различните обраќањата од прес-конференции на Путин за да се усогласат со она што регионалната публика сака да го слушне.
Clicker Pulse работи на тој начин што бара од учесниците во фокус групата да кликнат „Ми се допаѓа“ или „Не ми се допаѓа“ на секои пет секунди додека гледаат видеа од говорите на Путин. Потоа ги собира податоците, покажувајќи им ги а вработените мнозинските реакции на различни категории гледачи на секоја точка од говорот.
Ова им овозможува на огромната мрежа на куратори на социјалните медиуми на руските власти „да ја прилагодат публиката за пораките на Путин“. Со други зборови, „центрите за регионално управување“ (RGC) на Кремљ – агенции низ целата земја кои беа создадени на барање на Путин во 2020 година за да добијат „повратни информации“ од Русите на интернет – можат во реално време да одлучат кои пораки од говорите на Путин да ги промовираат и кои треба да ги потиснат на регионалните провладини страници на социјалните медиуми и на Телеграм.
Во март 2024 година, Медуза објави истрага заснована на документи споделени како дел од проектот Kremlin Leaks, откривајќи дека оваа тајна владина технолошка агенција имала задача да создаде систем за надзор ширум Русија, користејќи мрежа на камери опремени со вештачка интелигенција. Шефот на руското Министерство за дигитален развој спомена „платформа за обработка и складирање на податоци од камерите за надзор“ кон крајот на 2023 година, но не беше јасно кој ќе биде одговорен за проектот. Протечените документи покажаа дека е вклучен Научно-истражувачкиот компјутерски центар на Одделот за претседателски прашања на Русија, полутајна агенција предводена од поранешен разузнавач кој се фокусира на напредни технолошки проекти за да ги задоволи потребите на властите. Проектот вклучува три категории камери: една наменета за употреба на преполни места, една наменета за патишта и железнички премини и една наменета за „изградба на биометриски шаблони на лицата на луѓето“.
Извор близок до Министерството за дигитален развој изјави за Медуза во март дека предлогот за национален систем за надзор бил „одобрен на концептуално ниво“, но веројатно нема да стапи во функција пред „2025-2035“. (Медуза)