„Архивски документи“ – изложба на Жанета Вангели во КИЦ во Загреб

Изложбата „Архивски документи“ е прво претставување на Вангели пред хрватската публика и содржи 41 дело во техника принт на плексиглас и аудио материјали


Изложбата „Архивски документи“ на професорката и ликовна уметница Жанета Вангели е првиот програмски проект за 2026 на Национална галерија. Овој проект ќе биде реализиран во македонскиот Културно информативен центар во Загреб со поддршка на Министерството за култура и туризам. Изложбата закажана на 24 март 2026, во 19 часот, ќе ја отвори Претседателката на РСМ, Гордана Сиљановска Давкова која на покана на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ ќе биде во официјална посета на Хрватска. Пред публиката ќе се обратат директорката на Културниот центар, Мими Ѓорѓоска Илиевска, директорот на Националната галерија, Али Синани и кураторката на изложбата, Маја Крстевска. Официјалниот протокол ќе го надополни и присуството на амбасадорот на Република Северна Македонија во Република Хрватска, Н.Е. Драган Ѓурчевски.

Националната галерија продолжува со промоција на македонската култура и современата уметност во Република Хрватска. По минатогодишното претставување на група современи македонски уметници во Културно информативниот центар во Загреб, добрата соработка продолжува и оваа година.

Изложбата „Архивски документи“ е прво претставување на Вангели пред хрватската публика и содржи 41 дело во техника принт на плексиглас и аудио материјали.

„Предизвик е да се пишува за ваква голема и значајна уметница, провокација е изборот од нејзиниот творечки, уметнички фундус да се преточи во соодветна приказна. Жанета Вангели, професорка и големо име на светската ликовна сцена, нѐ воведува во дел од архивските документи преку визуелната уметност, преточена  во дигитална слика, фотографија, текст и звучна уметност.

Оваа нејзина изложба е, всушност, една сублимација на главните интересни зони кои се во нејзиниот фокус, кон една метафизичка манифестација во време-просторот што таа го сведочи. Низ четиридецениското творештво, преку архивските документи, Вангели несомнено евидентира различни претстави на духовна слобода и привлекува внимание кон доживувањето на времето, поканувајќи ја публиката да го почувствува сегашниот миг преку проекција на доживеаното. Оваа непоколебливост низ ликовниот говор, ја претпоставува позитивната мера на препознавањето на посветеноста. Соодветното разбирање на моментот, на изложбата се толкува како виртуелно читање на прикажаната сцена, предмет, лик… уредена и приспособена со значително мотивирана желба, изразено вистинско присуство во композицискиот систем.

На еден друг начин е спротивставена тенденцијата на илустративен модел, накратко сликите ја поврзуваат реалноста со перцепцијата. Јас ќе посочам дека сликите се присоединуваат на различни начини – тие се отворено перфекционистички, но и преокупирани од спонтаноста. Во исто време, мора да се нагласи односот на мистиката со аргументите кои се воздржани, но сепак длабоки и нетаинствени. Просторот во којшто ние живееме со сите средства е поврзан со визијата на свесноста, а создадено е чувство на традиционална рамнотежа.

Хармонично организираниот простор резултира со визуелна композициска сразмерност, особено во симболичните и асоцијативно моделирани површини. Вангели е уметница која без разлика дали станува збор за објект, плотер уметност, аудиоуметност или фотографија, е мотивирана од желбата да го максимизира или минимизира прикажаното, во корелација со основниот објект, приспособен на површината.

Нејзината независност дава богат придонес кон историјата на слободата и со целосна задлабоченост ја развива уметноста кон конкретна фактичност. Ќе го наведам делото „Алтруистичка перница“, претставено на оваа изложба, кое на плотер принт ја развива историјата на одредена уметничка логика со модифицирана мајсторска сторија.“

Изложбата ќе биде поставена до 10 април 2026.