Архивата на Општина Кисела Вода ќе работи и втора смена


Со цел да им се излезе во пресрет на сите граѓани и да се зголеми  достапноста на услугите, Општина Кисела Вода воведува двосменско работење на општинската Архива.

Од Општина Кисела Вода информираа дека од понеделник, први ноември 2021 година, граѓаните кои имаат потреба да достават документација, да подигнат веќе изготвена документација и слично, тоа ќе можат да го сторат и во попладневните часови.

Оттаму соопштија дека новото работно време на Архивата на Општина Кисела Вода ќе биде од 08:00 до 20:00 часот. Со поголемата достапност на државната администрација, како што посочија, се очекува да се зголеми ефикасноста и ефективноста на општината, со што таа ќе биде навистина граѓански ориентирана.

– Ова е само првиот чекор во насока на подобрувањето на работењето на Архивата. Наскоро започнуваме со процесот на целосна дигитализација на сите услуги што ги дава Архивата, а потоа и Општината. Наша цел е на граѓанинот да му овозможиме од својот дом, по електронски пат да поднесува барања,  да добива документи, да го следи процесот на решавање на неговиот предмет од денот на прием, па се до издавањето на конечниот документ. Дигитализацијата значи поедноставување на административните процедури и ќе им овозможи на граѓаните квалитетни, брзи и лесно достапни услуги, а Општина Кисела Вода ќе биде институција целосно во служба на своите жители, изјави градоначалникот на Општината Орце Ѓорѓиевски.