Архитектонскиот факултет – Скопје одбележа 75 години постоење
Архитектонскиот факултет – Скопје денеска одбележа 75 години од формирањето.
Како што информираат од Архитектонскиот факултет, значајниот јубилеј се одбележал со свечена конференција во амфитеатарот на факултетот на која присуствувале поранешни и сегашни професори, врвни професионалци во дејноста, значајни гости и соработници од земјава и светот, кои заеднички се осврнале на најзначајните моменти од долгата и богата историја на факултетот и постигнувањата, како и на идните планови за развој.
На оваа конференција се обратиле деканот на Архитектонскиот факултет, проф. д-р Огнен Марина и проректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Соња Топузовска, кои го истакнале огромното значење на оваа високообразовна институција во создавањето стручни и професионални кадри, но и во изградбата на државата и нацијата. Свои излагања пред присутните имале и почесните гости од архитектонските факултети во Загреб и Белград, доц. д-р Мелита Чавловиќ и доц. д-р Верица Крстиќ, кои зборувале за плодната соработка меѓу архитектите од Загреб, Белград и регионот, од завршувањето на Втората светска војна до денес.
Деканот на Архитектонскиот факултет, проф. д-р Огнен Марина истакнала дека оваа институција израснала во високообразовна установа со светско реноме, која низ годините постави највисоки стандарди за едукација и стекнување најквалитетни теоретски и практични знаења во оваа област.
– Потребни се само 150 професори и асистенти за да ја создадете целокупната архитектонска историја на една нација во изминатите 75 години и да создадете архитекти, урбанисти и инженери кои ќе ја изградат земјата по Втората светска војна и градот Скопје по катастрофалниот земјотрес. Денес овој јубилеј им го посветуваме ним – на професорите и соработниците од сите генерации кои се заслужни за нашите градови, нашите паркови, нашите улици и објектите во кои живееме, рече Марина.
Еден од најзначајните датуми во богатата историја на Архитектонскиот факултет е 6 октомври 1949 година, кога професорот Петар Серафимов го одржа првиот академски час по математика во амфитеатарот на Техничкиот факултет Скопје, каде што всушност се образувале првите архитекти во повоена Македонија. Понатаму, во рамки на програмата на Обединетите нации за обнова на постземјотресно Скопје, млади архитекти од земјава заминале на стручно и академско усовршување на светски реномирани универзитетски центри, со што стекнаа драгоцени знаења кои подоцна несебично ги пренесуваа во земјава. По речиси дваесетина години од првиот академски час за архитектите на Техничкиот факултет, во 1965 година се формираше посебен Архитектонско-градежен факултет со два оддели, архитектонски и градежен. Десет години подоцна, во 1975 година, Архитектонскиот факултет се издвои како посебен факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и така функционира до денес.
Оваа високообразовна установа во изминатите 75 години е јадрото од кое произлегле најзначајните стручни кадри од областа на архитектурата и урбанизмот и нивните сродни дејности, кои се движечката сила во изградбата на нашето општество, но и установа која ги поставува стандардите на работење и едукација во оваа сфера. Во досегашното работење, Архитектонскиот факултет продуцираше над 7.000 архитекти со образование на ниво на додипломски, постдипломски и докторски студии.
Во март годинава свечено се отвори новоформираниот Центар за напредни и постдокторски истражувања – ЦАПРИС УКИМ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Создавањето на овој Центар, кој е прв на УКИМ, прв во Република Северна Македонија, а според специфичниот научен фокус на областа на одржливиот урбан развој веројатно и прв во регионот на Западен Балкан, означува клучен момент во градењето на научната одличност и промоција на постдокторските истражувања на Архитектонскиот факултет и УКИМ. Центарот е отворен со единствена цел – поттикнување на иновациите и промовирање на мултидисциплинарен пристап во научната работа во нашата земја, како и враќање на нашите најдобри млади научници во земјата и регионот. Со овој Центар, Архитектонски факултет при УКИМ во Скопје продолжува да биде во врвот на академската и научната одличност и да обезбедува врвно образование за младите архитекти.