И Скупи оживеа пред избори: Министерот за култура потпиша Меморандум за соработка со германски археолози

Меморандумот на Министерството за култура и туризам и Германскиот археолошки институт за истражување отвара можност за соработка во афирмација на локалитетот Скупи кој со години наназад е запоставен


Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, заедно со делегација од Германскиот археолошки институт од Берлин и претставници од Музејот на град Скопје, денес го посетија археолошкиот локалитет Скупи. Во рамки на настанот беше потпишан Меморандум за соработка меѓу Министерството и Институтот, како и Договор за соработка меѓу Римско-германската комисија и Музејот на град Скопје.

Како што велат од Министерството за култура, Германскиот археолошки институт е меѓународна истражувачка институција под надлежност на Федералното министерство за надворешни работи на Германија „со долгогодишно искуство во археолошки истражувања и конзерваторски проекти низ светот“.

„Археологијата е значаен сегмент од културно-историскиот мозаик на нашата земја и претставува непроценливо наследство за идните генерации. Ние сме должни да го истражуваме, заштитуваме и афирмираме тоа наследство, бидејќи секој археолошки наод е жива врска помеѓу минатото, сегашноста и иднината. Соработката ќе овозможи размена на знаења, методологии и заеднички истражувања, со што се очекува унапредување на научните стандарди и меѓународната промоција на македонското културно наследство“, изјави министерот Љутков.

Членот на Римско-германската комисија при Германскиот археолошки институт, Лукас Вертер, нагласи дека заедничките активности ќе се темелат на научни истражувања, достапни за јавноста.

„Се радуваме на нашите заеднички активности на овој локалитет, кој крие бројни неоткриени содржини. Целта е тие да станат видливи за јавноста и да се изградат капацитетите на Скупи“, рече Вертер. Тој додаде дека потпишувањето на вториот документ со Музејот на град Скопје претставува почеток на конкретните чекори во соработката, со очекувања таа да придонесе и за развој на културниот туризам, позиционирајќи ги македонските археолошки локалитети на европската културна мапа.

Археолошки Локалитет Скупи, август 2025 г. | Фото: Марио Спасевски

Контраст меѓу визиите и реалноста

 

Иако денес Скупи изгледаше уредено, со искосена трева и исчистени патеки, состојбата таму до неодамна беше сосема поинаква. Пред само неколку месеци локалитетот изгледаше запуштено, со густа вегетација, диви животни и отпад. Сликите направени во март, мај и јуни оваа година сведочат за запоставеноста, и тоа во период кога немаше најавени официјални посети.

Состојбата со Скупи беше детално прикажана и во репортажата на Призма објавена пред четириесетина дена, по повеќемесечно новинарско истражување. Во неа се документираше дека археолошкиот локалитет со години е оставен без грижа и дека амбициозниот проект за реконструкција на амфитеатарот, вреден над седум милиони евра, започнат во 2016 година, бил прекинат во 2018 година со образложение дека проектот не е автентичен. Оттогаш наваму, Скупи најчесто изгледа како запуштено наоѓалиште, опкружено со ѓубришта и заборавено од институциите.

Археолошки Локалитет Скупи, март 2025 г. | Фото: Марио Спасевски

На денешниот настан министерот Љутков беше прашан дали институциите се сетиле на значењето на Скупи дури по медиумската репортажа и јавната реакција, и зошто токму сега се потпишуваат договори, а не при првите средби со Германскиот археолошки институт минатата година.

Љутков нагласи дека процесите започнале уште пред осум месеци. „Не е точно дека ние го правиме ова денес и дека сево ова денес започна. Овие договори се започнати уште пред 8 месеци. Пред околу 8 месеци Министерството за култура и туризам ги потпиша првите договори за соработка со Германскиот археолошки институт и Музејот на град Скопје. Тоа зошто Скупи беше запоставен мора да ги прашате минатата влада, тие се одговорни за прекинот на реконструкцијата и реставрацијата“, рече министерот. (Мета)