Археологот Емилио Марин и филологот Ивица Баковиќ од Хрватска добија признанија „Блаже Конески“ на МАНУ за 2025

По повод 58-годишнината од основањето, Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска го додели меѓународното признание именувано по нејзиниот прв претседател – Блаже Конески, за придонес во афирмацијата на македонската наука и култура.
Признанија (диплома и медал) „Блаже Конески“ за 2025-та добија двајца хрватски научници – Емилио Марин и Ивица Баковиќ и им ги врачи претседателот на Академијата, академик Живко Попов, во рамки на свеченоста за Денот на МАНУ.
Емилио Марин, роден во Сплит, е археолог, историчар, универзитетски профсор и дипломат, експерт за античка археологија и член на странски археолошки институти. За неговата професионална кариера и придонесот во македонската археолошка наука говореше академик Вера Битракова. Таа, меѓу другото, соопшти дека Марин ги поддржувал македонските археолози особено во проучувањата на ранохристијанскиот период, учествувал во голем број наши симпозиуми за античка и римска археологија.

Примајќи го признанието, Марин во МАНУ истакна дека е длабоко трогнат и искрено почестен со добивањето на признанието именувано по Блаже Конески кој е, рече, еден од најзначајните столбови на македонскиот јазик, култура и идентитет.
-Македонските археолошки локалитети се културни јадра на медитеранскиот свет, рече Марин, присетувајќи се дека уште како студент ги посетувал македонските локалитети. Подоцна соработувал со наши познати научници, како Блага Алексова и Вера Битракова, истражувајќи на повеќе наоѓалишта. Тоа, рече, „се повеќе го приближувало кон Македонија“.
-Сето тоа ме убедува дека овде можам да се чувствувам како дома, изјави хрватскиот археолог.
За придонесот на доц. д-р Ивица Баковиќ од Филозофскиот факултет во Загреб, се осврна академик Марјан Марковиќ читајќи го пригодниот говор што за овој филолог и преведувач од македонски на хрватски јазик го напишал нашиот кроатист Венко Андоновски.
Баковиќ предава македонска и јужнословенска литература на Универзитетот во Загреб каде што докторската дисертација ја одбранил кај проф. Борислав Павловски. Соработувал на многу билатерални книжевни проекти, а од македонски на хрватски јазик превел голем број наши автори – од македонските класици до млади современи автори.
Баковиќ се заблагодари за признанието „Блаже Конески“ што, рече, е голема и неочекувана чест, но дека исто толку, па и повеќе, е и обврска за него. Се заблагодари на професорите од коишто учел и кои го поддржувале во преведувачката работа.
-Големо благодарам и до авторите што ги преведував, во чиишто текстови постојано навлегувам и пловам низ македонскиот јазик, секогаш одново откривајќи го. Се надевам дека ќе го оправдам ова признание со натамошната работа, рече филологот Баковиќ.