Архангел и Филхармонија за Скопје: Бесплатен концерт во Градски парк


Во рамки на програмата за одбележување на 58-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, вечерва, во 21 часот во Градскиот парк, ќе се одржи концерт на Филхармонија на РСМ и „Архангел“, насловен како „Филхармонија и Архангел за Скопје“.

На денешната прес-конференција присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, директорката на Македонска филхармонија, Тина Иванова, диригентор Џијан Емин и фронтменот на групата Архангел, Ристо Вртев.

– Ми претставува чест и задоволство да најавам дека 58-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје ќе ја одбележиме со концерт на оркестарот на Филхармонија на отворено во Градскиот парк. Ќе имаме можност да уживаме во музиката на култниот скопски и македонски бенд Архангел во автентична оркестрација на Џијан Емин, кој воедно е и диригент на концертот. Станува збор за една исклучителна можност да се чујат безвременските песни на Архангел како еден од најзначајните македонски бендови во изведба на Филхармонија и Ристо Вртев, фронтменот на Архангел – кажа Шилегов на пресот претходно во Скопје.

Концертите на отворено кои Град Скопје секое лето ги организира со Филхармонија во Градскиот парк и ги насловени како „Филхармонија на отворено“, се претворија во вистинско летно уживање за скопската публика која секогаш е гладна за квалитетни музички содржини.

Градоначалникот Шилегов додаде дека Град Скопје како институција е голем поддржувач на македонската музичка уметност и дека се реализирани голем број проекти од оваа област, како што се реконструкцијата на Универзална, кој е во тек, проектот „Култура во време на корона“ со над 50 настани и над 200 изведувачи, како и преку богатата програма на МКЦ и другите градски културни институции.

Ристо Вртев изјави дека е задоволство и привилегија за секој музичар да настапува со македонската филхармонија, и дека со овој концерт ќе придонесат за развојот на културата и културната понуда во Скопје.