Аргентина ќе бара меѓународна потерница за Мадуро


Буенос Аирес – Аргентина го повика обвинителот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг да побара налог за апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, пренесе ДПА.

По претседателските избори на 28 јули, кои беа нарушени со обвинувања за масовна гласачка измама, активностите преземени од владата на Мадуро може да претставуваат злосторство против човештвото, соопшти аргентинското Министерство за надворешни работи.

Аргентина планира да изврши притисок за потерница против Мадуро и другите членови на неговата влада со официјално барање до судот во Хаг во понеделник, соопшти Министерството.

Мадуро, кој е на власт од 2013 година, обезбеди трет мандат на спорните избори откако изборната власт во земјата, која ја сочинуваат претежно функционери лојални на власта, го прогласи за победник.

Опозицијата тврди дека победил нејзиниот кандидат, 75-годишниот поранешен дипломат Едмундо Гонзалес и има значителна поддршка од другите земји во регионот и од САД.

Од гласањето, полицијата ги задуши демонстрантите против Мадуро. Невладината организација за права ПРОВЕА соопшти дека досега животот го загубиле 24 лица.

Канцеларијата на јавниот обвинител на Венецуела во понеделникот соопшти дека е издаден налог за апсење на Гонзалес.