Арбер Адеми: Ако има една изборна единица, мора да има и отворени листи


Арбер Адеми (Фото: Б. Грданоски)

 

Работната група за реформи во изборното законодавство одржа конститутивна седница на која како претседател е избран Александар Новаковски, експерт и поранешен претседател на ДИК.

Оваа работна група  ќе има првенствена задача да ги имплементира препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а потоа ќе работи на нов Изборен законик. Во работната група се вклучени претставници на политички партии, невладини организации, синдикати, министерства и надлежни органи за спроведување на изборниот процес, со исклучок на ВМРО-ДПМНЕ, која го условува своето присуство со став за изборниот модел, иако тоа не е главна тема на расправа.

Министерот за правда, Кренар Лога, сепак оцени дека има консензус оваа работна група да ги инкорпорира препораките и забекешките на ОБСЕ/ОДИХР  и дека, иако не учествуваат во нејзината работа, ставовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат земени  предвид. Лога сепак упати уште еден апел до ВМРО-ДПМНЕ да се приклучат на групата и низ процес на дебата и расправа да ги дадат сите предлози и иницијативи за реформите во изборното законодавство. Александар Новаковски се надеваше дека ќе успеат да предложат реформи и да ги вклучат забелешките на ОБСЕ/ОДИХР шест месеци пред избори.

Дали ќе успеат и колку е отворено прашање, уште повеќе што Аребр Адеми од ДУИ по средбата изјави дека ако се дојде до кобнсензус за формирање една изборна единица тогаш ќе мора да има и отворени изборни листи, што е став на ДУИ. Но, нагласи дека изборниот модел не е главната тема околу која ќе работи оваа група.

-Ако зборуваме за моделот и ако се одлучуваме за една изборна единица треба да се одлучи и за  отворени листи и праг од пет отсто.Ние сме отворени да дискутираме за сите предлози водејќи се од аргументите. Денеска не зборувавме на оваа тема, немаше материјална расправа за предлозите. Оваа работна група не е формирана исклучиво само за ова прашање за измена на моделот на изборите, туку и за други прашања. Така што, ете, априори ако зборуваме за моделот и ако се одлучуваме за една изборна единица треба да се одлучи и за праг и за отворени листи, праг од 5 отсто. Но, ќе се воздржам за дополнителни коментари оставајќи простор да дискутираме конструктивно во рамките на работната група, рече Адеми.  

Во однос на задачите на работната група за изборните реформи тој нагласи дека тие ќе поддржат имплементација на препораките и забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, нагласувајќи дека е потребен меѓупартиски консензус за подготовка на нов изборен законик.

-Секако дека нашиот став уште од почеток е дека сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР треба да се преточат во конкретни законски одредби кои ќе бидат дел од Изборниот законик. За другите теми секако дека сме отворени да разговараме бидејќи за секое изменување, дополнување или за целосно нов изборен законик  треба широк меѓуетнички и меѓупартиски консензус имајќи предвид дека се работи за значајно прашање, за претставување на граѓаните и треба да се отсликува хетерогеноста на нашето општество, вели Адеми.  

Тој очекува сите политички партии да дадат конструктивен придонес во целиот овој процес на подготовка на реформите во изборното законодавство, без условувања.

-Не можеме да ја условуваме работата на која било работна група со учество или неучество давајќи предлози надвор од работната група. ВМРО-ДПМНЕ е релевантна политичка партија. Очекувам одговорен пристап и од нивна страна. Тука е местото за да се дадат предлозите и да дебатираме аргументирано за секој еден предлог. Сме отворени да дискутираме за кој било предлог врз основа на аргументите, подвелече Адеми.

 Од опозициската партија вчера порачаа дека прифаќаат изборен модел со една изборна единица и ја повикаа власта да излезе со решение, по што најавија дека ќе се вклучат во утврдување на конечниот текст на изборниот законик.  

-Доколку власта не е подготвена за суштински измени за поголема демократизација на изборниот модел, а измените се однесуваат само на некои технички, важни, но сепак технички забелешки дадени од ОБСЕ и од ОДИХР кои ги поддржуваме, немаме ништо против, но не би учествувале во тој процес само за да му дадеме политички легитимитет без да имаме суштинско подобрување на изборниот модел, рече  Антонијо Милошоски.(Н.В.)