Арбен Таравари ја губи битката во Алијансата за Албанците?

Итниот конгрес, кој треба да се одржи на 18 февруари, ќе треба да ја расчисти маглата во Алијансата. Големо мнозинство во Централното собрание застанало зад Зијадин Села


Зијадин Села за време на седницата на централното собрание (Фото: Б. Грданоски)

 

За осум дена ќе се знае судбината на претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, по големиот раскол во партијата што тој го предизвика преку статус на Фејсбук, најавувајќи дека партијата ќе му се приклучи на албанскиот опозициски блок на следните избори.

Денешната седница на Централното собрание на АА покажа дека крилото на неговиот главен ривал, Зијадин Села, има големо мнозинство во овој орган, но конгресот е тој што е надлежен да го смени или да го потврди Таравари на лидерското место.

Два дена по собирот на придржувачите на Таравари во Куманово денеска во скопскиот хотел „Буши“ 106 членови на Централното собрание ја поддржаа иницијативата за разрешување на Таравари и бидејќи времето за подготовка на партијата за изборите е исклучително кусо, така и конгресот, на кој треба да се расчистат работите е закажан итно, за 18 февруари. На состанокот биле присутни 108 члена, од нив еден бил против и еден воздржан за иницијатива. Иако поканет, Таравари не дојде на состанокот.

„Чекавме да дојде претседателот Таравари таму каде што припаѓа, а тоа е во Централното собрание како највисок орган помеѓу два конгреси. Тој не дојде. Според тоа, бевме принудени да одлучуваме по предлог на дел од членовите дека првата точка на дневниот ред, односно отчетот од претседателот Таравари за сработеното, е беспредметна. Отчетот на претседателот се замени со иницијатива за разрешување на претседателот, според членот 38 од Статутот на партијата“ изјави претседателот на Централното собрание и поранешниот лидер на Алијансата, Зијадин Села.

Како и претходните денови и во изјавата по неколкучасовниот состанок на централното собрание Села рече дека одлуката на Таравари АА да се приклучи на тројната опозициска коалиција била донесена без консултација со членството.

„Одлуките за коалиции не се прават преку статуси на Фејсбук, туку се зборува со членството и претседателството и потоа се носи одлука на Централното собрание, без да се прави шоу на социјалните мрежи. Зацртано и во програмата ќе биде, дека најпрвин кој било да биде мандатар за нова власт, прво треба да се случат уставните измени, па потоа да се оди на формирање на влада“, рече Села.

Пред почетокот на седницата Села не знаеше дали во хотелот е присутно мнозинството членови, но кога се се дознаа резултатите од гласањето се испостави дека таму биле најголемиот број членови.

По состанокот во четвртокот во Куманово, портпаролот Блерант Рамадани рече дека таму присуствувале 75 членови на Централното собрание и сите едногласно одлучиле да ја потпишат декларацијата со која му даваат поддршка на партискиот лидер да започне коалиција со опозиционерите од албанскиот блок.

Дали бројките од Куманово се точни или оние од Скопје не може да се добие независна потврда. Вкупниот број на членовите е околу 130-ина. Дали некои што биле во Куманово дошле и во Скопје и гласале поинаку, не е јасно. Или пак можеби двете крила соопштуваат недифинарани бројки.

Седница на Централното собрание на АА (Фото: Б. Грданоски)

Конгресот треба да го даде одговорот на ова прашање. Ако Арбен Таравари ја загуби поддршката главното прашање ќе биде дали Зијадин Села повторно ќе биде избран на чело на партијата, каде беше главниот актер за нејзино формирање по излегувањето од ДПА.

Вчера околу полноќ, на предлог на техничкиот премиер Талат Џафери, во Собранието со 62 гласа „за“ беа разрешени двајцата министри кои го поддржуваат Таравари во внатрешната битка: министерот за здравство Фатмир Меџити и министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу. Зад крилото на Села застана министерот за правда Кренар Лога. Инаку, Лога беше денеска присутен на Централното собрание по враќањето од неговата посета во Турција.

Доколку Арбен Таравари го загуби претседателското место целосно ќе се измеша политичката слика во албанскиот кампус. Дали тогаш неговото крило ќе оди заедно со тројната коалиција „Европски сојуз за промени“ или ќе прави свои посебни листи не е јасно. Како што не е јасно дали ако крилото на Зијадин Села однесе победа на конгресот ќе остане на одлуката за самостоен настап на изборите. 

Како и да е, партијата е поделена. Другите политички актери овие денови се обидуваат ем да бидат дистанцирани ем да извлечат некаква корист од драмата во АА. ВМРО-ДПМНЕ претходните денови, а и за време на вчерашната собраниска дебата околу разрешувањето на двајцата министри, му даваше внимателна поддршка на крилото на Таравари, очекувајќи дека во постизборните математики ќе може да смета на него при формирањето на владата. Вмровските пратеници искажаа грст пофалби за министрите кои подоцна беа разрешени.

Арбен Таравари беше дел и од оној собир со Христијан Мицкоски и Александар Николоски во ноември 2021 кога беше најавено новото парламентарно мнозинство, кое не се оствари.

Арбен Таравари на собирот во Куманово

А по состанокот во Куманово Таравари изјави: „Со целосна одговорност велиме дека нема да станеме дел од влада која не би ги направила уставните измени и која не прифаќа почеток на преговорите со ЕУ“.

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, денеска сврте поостар курс спрема Арбен Таравари. Тој дури го нарече Таравари „политичар од Гостивар“.

„Не можеме европската интеграција на државата да ја ограничиме на тоа дали господинот Арбен Таравари поминал од власт во опозиција. Јас не сметам дека Таравари е толку судбоносен за иднината на државата“, изјави Ковачевски на денешната прес-конференција со претседателот на Социјалдемократската партија на Германија Ларс Клингбеил.

„Апсолутно дека постои европскиот фронт и вие тоа го гледате и на дело. Ние имаме мнозинство во парламентот кое се залага за евроинтеграција на државата. Јас не сметам дека Таравари е толку судбоносен за иднината на државата. Сепак се работи за политичар од Гостивар кој е успешен доктор, кој прави свои политички калкулации“, рече Ковачевски.