Апсење во Србија: Обучувале Молдавци и Романци за немири на денот на изборите

Одделот за криминалистичка полиција – Служба за борба против тероризмот, во соработка со Агенцијата за безбедност и информации во Србија уапси две лица под сомнение дека сториле кривично дело организирање учество во војна или вооружен конфликт во странска земја.
Уапсени се Л. П. (1988) и С. С. (1978). Министерството за внатрешни работи не наведува дали уапсените се српски државјани или Руси, со оглед на тоа што главниот обвинител на Молдавија, Виктор Фуртуна, изјави дека постои сомневање дека руски државјани ја организирале обуката во Србија.Изборите во Молдавија се одржуваат во недела, на 28 септември.
„Се сомнева дека Л. П. ја организирал и финансирал обуката што се спроведувала во угостителски објект во близина на Лозница, додека С. С. е обвинет дека му помагал во ова. Обуката наводно се спроведувала помеѓу 16 јули и 12 септември за помеѓу 150 и 170 граѓани на Молдавија и Романија“, се вели во соопштението на Министерството за внатрешни работи.
За време на претресот на станот на осомничените, полицијата запленила лаптопи, мобилни телефони, како и уред за откривање и следење на радиофреквенциски сигнали, додека од осомничениот С. С. бил запленет и пиштол, за што тој е обвинет и за кривично дело нелегално производство, поседување, носење и трговија со оружје и експлозиви.
„По покренување истрага за овој случај, Министерството за правда на Република Србија ќе побара информации и докази од Република Молдавија преку меѓународна правна помош со цел понатамошно водење на постапката. На осомничените им е одреден притвор до 48 часа, по што ќе бидат приведени во Вишото јавно обвинителство во Шабац, со кривична пријава“, заклучува Министерството за внатрешни работи.