Апелацискиот суд речиси три години не носи пресуда за Владимир Талески и другите во „Транспортер“
Владимир Талески поголемиот дел од казната од 8 години ја преседе дома во куќен притвор, а за цело време прима плата од Битолскиот театар
БИТОЛА – Лав Толстој ја напиша грандиозната епопеја „Војна и мир“ за три години, а Апелацискиот суд во Скопје не може за две години и девет месеци да донесе одлука по жалбата на осудените во случајот „Транспортер“ поврзан со училишниот превоз во Битола.
Дали е тоа немарност, дали е корупција, дали е лоша организираност, но американскиот тим кој треба да врши мониторинг врз правосудството и коруптивните актери во нашата држава, би требало да се зафати и со случајот „Транспортер“. Него го отвори СЈО пред речиси 7 години, а до ден денес нема завршница.
Судењето за бесплатниот школски превоз во Битола, поскап и од тој во Токио, во кој на 8 години затвор е осуден екс-градоначалникот на Битола, Владимир Талески, е дотолку поинтересен што тој од 2016 година е дома во семејниот стан во Битола, најголем дел од времето во куќен притвор додека ја чека пресудата на Скопска апелација и прима плата од Битолскиот народен театар иако не може да се појавува таму.
Точно 2 години и 9 месеци Апелацискиот суд во Скопје не се изјаснил за пресудата на Основниот суд Скопје со која Талески, тогашниот секретар на Општина Битола, Слободан Бончановски, и уште дваесеттина други лица, што превозници, што бивши директори на училишта добија затворски или условни казни за бесплатниот школски превоз во Битола. Прашање е дали Судскиот совет ги нотира ваквите големи оддолговлекувања и ако ги забележува ќе преземе нешто.
Долгогодишни и докажани правници од Битола сметаат дека кривичната постапка потенцира итност и приоритет на предметите каде има мерка притвор, па затоа е нејасно зошто Апелацискиот суд толку долго се занимава (или не се занимава) со овој предмет.
Неофицијално, наши извори велат дека Апелација најверојатно ги потврдила пресудите за затворските казни за Талески и Бончановски, но дека постапката не е докомплетирана и треба да се изготви, испечати и да се достави до Основниот кривичен суд Скопје. Ако е така, тогаш на Талески му останува уште некоја година да одлежи од осумгодишната затворска казна со оглед на тоа што првата мерка притвор му беше изречена на 13 јуни 2016 година во траење од три месеци. Подоцна имаше само мерка на претпазливост и му беше одземен пасошот, се бранеше од слобода, за повторно да биде во домашен притвор. Од првиот притвор на Талески досега поминаа 6 и пол години.
И секретарот Бончановски е во домашен притвор од средината на 2016 година, за него може да се претпостави дека речиси во целост ќе ја одлежи казната дома во Битола, во траење од 6 и пол години.
Каква ќе биде постапката за останатите инволвирани во случајот засега немаме информации. Со ефективни затворски казни (од 2 години и два месеци до 3 години) се најголем дел од превозниците кои го вршеле превозот. Условни казни од 5 години, да не го повторат делото, добија директорите на школите во Битола.
„Со одолговлекувањето на носењето и изготвувањето на пресудата најзасегнати се лицата во случајот ‘Транспортер’ кои имаат мерка за обезбедување на присуство заради непречено водење на кривична постапка. Тие секој понеделник со години одат во судот и се пријавуваат, одземени им се пасошите. Тука се дел од превозниците и поранешни директори на училиштата. На овие луѓе им се предизвикува проблем во нивното слободно движење и уживањето на човековите права, во смисла на правото на ефикасно и ефективно судење во разумен рок“, изјави за „Независен“, адвокатот Никола Главинче, правен застапник на некои од обвинетите во „Транспортер“.
Сепак, официјално, Скопска апелација засега не потврдува дали е донесена одлуката за „Транспортер“.
Портпаролката на Апелацискиот суд во Скопје, судијата Татјана Дуковска, одговорна за прашања во врска со предмети од кривичниот отсек, по втор пат годинава за „Независен“ го дава истиот одговор дека се постапува по предметот и ќе се одлучи набрзо. Истиот овој одговор Дуковска го кажа и на 31 март годинава, откако поминаа две години од пресудата на Основниот суд Скопје и предметот се најде во Апелација.
„Предметот се работи, набрзо ќе биде готова пресудата, само точно кога не можам да кажам. Ама, се работи на предметот. Тие се големи предмети, се работи паралелно и на други предмети, така што судот постапува по предметот, ќе се заврши, ќе се донесе одлуката и ќе се објави“, изјави и сега Дуковска за „Независен“.
Адвокати од Битола кои бранат дел од осудените во случајот „Транспортер“ велат дека Апелацискиот суд во Скопје претерал со одолговлекување на пресудата, па случајот може да се вметне во папката за повреда на правото на судење во разумен рок.
Тие сметаат дека надлежниот суд го повредил тоа право и размислуваат да поднесат барање за заштита на правото на судење во разумен рок до Врховниот суд на Македонија.
„Барањето може да го поднесеме во текот на постапувањето пред домашните судови“, најавуваат тие.
Иако дел од инволвираните во постапката сметаат дека таа требаше да се подели за побрзо да се реши, судијата Дуковска смета дека „во оваа жалбена постапка нема можност случајот ‘Транспортер’ да се подели на две постапки“. Едната за Талески и Бончановски, а другата за превозниците и директорите на школите.
„Една пресуда е донесена за ‘Транспортер’ и по таа пресуда во целост се одлучува“, вели судијата Дуковска.
Случајот „Транспортер“ одекна на 14 април 2016 година, кога новоформираното Специјалното јавно обвинителство објави дека води истрага за превозот на ученици во Општина Битола, а во која еден од осомничените е тогашниот актуелен градоначалник на Битола, Талески, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Според истрагата, како што беше кажано, Талески и другите инволвирани во случајот го оштетиле буџетот во износ од 34 милиони денари.
Судењето почна во Скопје, а на 31 март 2020 година, Основниот кривичен суд ја соопшти пресудата. По изречената 8-годишна затворска казна Талески од дома, од куќен притвор, ѝ се обрати на јавноста преку Фејсбук и кажа дека судењето било циркус, судството заробено, а дека тој не го признавал овој суд.
Од тогаш досега Талески седи дома и редовно зема плата од Битолскиот народен театар каде е вработен како актер. Од театарот велат дека не е тајна оти според систематизација зема плата од 52.000 денари. Од БНТ велат дека сѐ додека пресудата на Основниот кривичен суд Скопје не стане правосилна, законот е јасен – на Талески му следува плата и во куќен притвор.