Апелација ја уважи жалбата на Асмир Јахоски, прифатена гаранцијата во пари и имот и определени мерки за претпазливост

Апелациониот суд Скопје ја уважи жалбата на Асмир Јахоски, осомничен во врска со истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, и ја преиначи одлуката на Кривичниот суд така што мерката „притвор“ се укинува со прифаќање на гаранција со ставање хипотека на имот во износ од 986 илјади евра и готовина во износ од 1,17 милиони евра, а истовремено му се определуваат мерки на претпазливост – одземање на патна исправа и јавување во судот.
По жалбата на Јахоски, Апелациониот суд Скопје, како што информира, постапувал на нејавна седница одржана на 6 април годинава.
– Решението на Основниот кривичен суд Скопје, го преиначи на начин што ја укина мерката притвор определена спрема осомничениот А. Ј. од С. со прифаќање гаранција во износ од 986.540,00 евра, во денарска противвредност од 60.672.235,00 денари, со ставање хипотека на недвижен имот во корист на Република Северна Македонија и износ од 72.000.000,00 денари готови пари, во корист на Република Северна Македонија. Истовремено спрема осомничениот А. Ј. од С. се определени мерки на претпазливост: обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице во Основен кривичен суд Скопје, и привремено одземање на постојната патна исправа и забрана за издавање на нова патна исправа, се вели во соопштението од Апелација.
Оттаму информираат дека при одлучувањето, Судот го имал предвид претходно прибавениот позитивен предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје и мислењето на Вишото јавно обвинителство Скопје да се уважи жалбата на осомничениот, со прифаќање на понудената гаранција.
– Делот од гаранцијата понуден и прифатен во готови пари од 72.000.000,00 денари претставува паричен износ еднаков на претпоставената штета за која осомничениот се сомничи дека ја сторил во конкретниот кривично правен настан, се вели во соопштението од Апелација.
Одлуката со образложени причини ќе биде објавена во целост на веб страната на судот согласно со Законот за управување со движењето на предметите во судовите.
Обвинителство на 22 април годинава го услови предлогот на Јахоски, за замена на мерката притвор за Јахиски со банкарска гаранција од 1,16 милиони евра и мерки за претпазливост, додека Кривичниот совет на одделението за гонење организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје,го одби како неоснован.