Апел за безбедност на ЛГБТИ заедницата за време на протестот на МПЦ
Хелсиншкиот комитет во пресрет на најавениот протест на МПЦ утре ги повика претставниците на ЛГТБИ заедницата да бидат помалку видливо и да го избегнуваат местото каде што ќе се одвина настанот, заради нивна безбедност.
-Загрижени од енорминиот раст на пријави на инциденти и вербални напади и закани како онлајн, така и во физичкиот простор во последните денови, а предизвикани од вжештената атмосфера околу дискусијата на верските институции поврзана со носењето на законите за родова еднаквост и матична евиденција, ви се обраќаме со апел и совет за ваша и наша лична безбедност и добросостојба. Како граѓанско општество остануваме посветени на градење на општествена кохезија и надминување на раздорот и застапување за помирување меѓу нашите граѓани.
Со големо жалење и за првпат бараме од лицата од ЛГБТИ заедницата и поддржувачите да бидат помалку видливи и тивки во текот на денот на протестот, но нашата грижа за заедницата овојпат не‘ приморува на тоа. Остануваме да бидеме гласни и посветени во борбата за еднаквост и демократија, но на крајот на краиштата најважно е да останеме живи и здрави за да можеме да продолжиме да ја остваруваме нашата визија за Македонија како земја на еднакви права и можности за сите граѓанки и граѓани.
Ве советуваме утре, како и денот потоа:
- Да избегнувате да се движите на просторот на којшто се одржува протестот.
- Да избегнувате да носите обележја кои асоцираат на ЛГБТИ заедница во јавен простор.
- Движете се низ осветлени и фрекветни улици и простори.
- Секогаш имајте мобилен телефон при рака, за да во случај на каков било инцидент – веднаш да ја контактирате полицијата.
- Во случаи на вербални напади и провокации, останете смирени и тивки и брзо упатете се кон место каде што има повеќе луѓе.
- Во случаи на вербални напади во такси, останете смирени и не влегувајте во дискусија. Побарајте да слезете на првото погодно место и напуштете го возилото во молк. Веднаш потоа пријатевет го возачот во такси компанијата, а инцидентот до надлежните институции.
- Во случај на напад или закани во автобуси, останете смирени и не влегувајте во дискусија. Излезете без збор на следната станица и пријавете во надлежни институции.
- Во случај на физички напад гласно барајте ПОМОШ!. Штом сте на безбедно веднаш пријавете.
Свесни сме дека ЛГБТИ заедницата ретко пријавува случаи на насилство и прекршување на права до институции и затоа ви излегуваме во пресрет. Случаите на напади, закани, агресии и вознемирување можете да го пријавите во Хелсиншкиот комитет за човекови права.