Апел до неколку села за евакуација поради опасност од ширење на пожарот во Неготинско


Поради опасност од ширење на пожарот во Неготинско, упатен е апел, жители од неколку села да ги напуштат живеалиштата. Вакво соопштение штотуку издаде Штабот за заштита и спасување на Општина Неготино. 

– Се упатува апел до населението во Општина Неготино и тоа во селата Пештерница, Бела Вода, Калањево, Липа, Брусник и околните места, да ги напуштат своите живеалишта/престојувалишта и да се засолнат на безбедно место во градот или околните села што не се зафатени од пожарот, поради опасноста од забрзано ширење на истиот, се вели во соопштението. 

Дополнително од Штабот бараат да се изврши активирање на резервниот состав на пожарникари на општина Неготино, е еден од заклучоците на Штаб за заштита и спасување, по големиот пожар во неготинско. 

– РЦУК Неготино да ги преземе сите со закон предвидени надлежности за постапување во случај на елементарна непогода и контакт со соодветните институции и органи на РСМ. Институциите основани од Општина Неготино да ги стават на располагање сите материјални и човечки ресурси за справување со настанатите пожари, се вели во заклучоците.

Правните субјекти кои располагаат со соодветна механизација во рамките на можностите, што не ја попречуваат нивната дејност, да ги стават на располагање своите ресурси.

Заклучено е да  се достави барање до ЈЗУ „ Здравствен дом “ Неготино за постојана екипа на Итната медицинска помош на терен. 

– Сите правни субјекти и физички лица кои во своја сопственост поседуваат соодветни резервоари за вода, да обезбедат непречено црпење на вода за гаснење на пожари. Да се обезбедат и дистрибуираат потребните количини на вода за пиење и храна до спасувачите на терен, се вели во заклучоците.