Апасиев: ВМРО-ДПМНЕ ја блокира расправата за аерозагадувањето поради бизнис релации со загадувачите

ВМРО-ДПМНЕ ја блокира расправата за аерозагадувањето поради бизнис релации со загадувачите, тврди лидерот на Левица, Димитар Апасиев, на прес конференција.
„Добив допис од претседателот Африм Гаши дека 20 пратеници побарале од мене да свикам надзорна расправа за аерозагадувањето и моја деловничка и службена должност е по тоа да постапам. Така и направив и веќе сме во процес на канење на 40 гости од коишто: премиерот и двајца министри, 11 претставници на јавни органи, 6 градоначалници, 4 експерти и професори, 8 еко-активисти, 4 истражувачки новинари и тројца од приватниот сектор. Зад овој каприц и блокада на вака важна тема, се сомневаме дека стојат коруптивни интереси затоа што за прв пат се поканети претставници на Цементаница кои во својство на сведоци ќе треба да одговараат за отпадот кој тие го согоруваат. Бидејќи тие фигурираат и како донатори кај градоначалниците на ДПМНЕ, се сомневаме дека стојат бизнис-релации позади опструкцијата на оваа расправа“, рече Апасиев.
Тој апелираше до спикерот Африм Гаши, бидејќи Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања донесува незадолжително мислење, да не го послуша вчерашното мислење на Комисијата, бидејќи тоа не е автентично толкување, и да не постапи по нивното мислење, односно, да не го опструира овој процес затоа што, како што рече, ќе се соочи со правни постапки.
„Прво би побарале заштита од Уставниот суд за спречување на политичко дејствување во Собранието, за што веќе има преседан. Потоа ќе бараме поништување на ова мислење од страна на ДКСК затоа што има судир на интереси кај претседателот и гласач, а тоа е Миле Лефков. И на крај ќе поднесеме и кривична пријава за спречување на службено лице во вршење на службено дејствие, затоа што ова што јас морам да го спроведам (надзорната расправа) е моја законска и деловничка обврска, а не само право. Апелирам уште еднаш до спикерот Гаши да не се дрзнува под никакви услови да посегнува кон поништување на легален процес на закажување на надзорна расправа, каде што чекор по чекор се запазени сите процедурални чекори и активности”, порача Апасиев. Тој дури порача дека ако власта се дрзне да организира расправа за аерозагадувањето во друга комисија, ќе има две расправи на таа тема.