Апасиев се исмева со Мицкоски: „Ќе останете само ти и Ацката (Николоски)“


Сликата за најавуваното ново парламентарно мнозинство во ноември 2021

 

По излегувањето на Алијансата за Албанците на Арбен Таравари од влада и нивно преминување во опозиција почна зафаќање на нови стартни позиции во политичкиот натпревар. Заедно со навреди и исмевања.

Лидерот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев, публикувајќи ја онаа позната фотографија од ноември 2021 година кога беше најавено новото парламентарно мнозинство, кое не се случи, му се потсмева на премиерот Христијан Мицкоски.

„Мицика – Хоџа, Снопче и Таравари ти ги ПОВЛЕКОВ од игра. Уште Гаши и ќе си останете сами со Ацката, па ќе го барате пак Кастриот. Цела да е, брату!“, стои во објавата на Апасиев на Фејсбук.

Фотографијата е од оние напрегнати денови во ноември 2021 кога владата на Зоран Заев едвај се спаси да не падне. Во Собранието требаше да се гласа за недоверба на владата, но опозицијата имаше само 60 пратеници, еден помалку од неопходниот број. Тогаш Кастриот Хаџиреџа го снема два дена, немаше кворум за одржување на седницата и владата преживеа.

Тогаш Апасиев беше во групата со Мицскоски која подготвуваше заговор за уривање на владата на Заев. На фотографијата, покрај нив се и Африм Гаши од Алтернатива – сегашен претседател на Собранието, тогашниот министер за земјоделство Аријанит Хоџа кој тогаш беше дел од Беса, како и Арбен Таравари и Халил Снопче од Алијанса за Албанците.