Апасиев потврди дека е во Москва – „место како некој во заден ред кај Трамп“

Лидерот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев е во Москва, Русија, за прославата на 80-годишнината од Денот на победата на фашизмот.
Информацијата ја соопшти самиот на социјалните мрежи, а ја објави и поканата.
-Некој од задњи ред кај Трамп, некој со официјална покана за воената парада на Црвениот Плоштад, напиша Апасиев.
Ова не е негово прво патување во Москва ниту пак прво патување со контроверзнаполитичка порака што му ги урива шансите да биоде виден како кредибилен политички фактор во Македонија. Особено шокантно беше неговото поклонување на гробот на Енвер Хоџа, а со овој потег покажува непочитување за цивилните жртви во Украина и дава поддршка на милитаристистичката политика на Русија против која е речиси цела Европа. Во неговите интервјуа тој јавно кажува дека Македонија треба да има соработка со Русија.
Инаку, бранови украински напади со беспилотни летала беа насочени кон Москва додека таа се подготвува за голема прослава на Денот на победата. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина не може да ја гарантира безбедноста на високите личности кои ќе присуствуваат на големата воена парада на Црвениот плоштад на 9 мај. Иако многумина – дури и украински функционери меѓу нив – сметаат дека е малку веројатно Киев всушност да ја нападне Москва на тој ден – експертите не го исклучуваат тоа, пишува „Вашингтон Пост“. На Х подолг период стои пост со фотографија од парада на Црвениот плоштад и со прашање – Дали сметате дека ова е легитимна цел?
Еве како српски адвокат го прокоментира одењето на Александар Вучиќ на истиот настан како и Апасиев:
„Срамот на човештвото, Александар Вучиќ, пристигна во Москва на парада за да аплаудира на војската што убива во Украина. Тој има голема среќа, бидејќи неговото патување го плаќаат даночните обврзници на Европската Унија преку бројни средства за Србија (од кои неговата влада зема најмалку 30% преку корупција), додека во исто време тие плаќаат десетици или стотици милијарди евра за да ја одбранат Европа од Путин – кого Вучиќ штотуку дојде да му аплаудира. О, мои будали!“
Инаку, во рамки на одбележувањето на јубилејните 80 години од победата над фашизмот, Апасиев одржа говор во Паркот на победата во Москва, каде што истакна дека Левица се бори против историскиот ревизионизам и ги брани вредностите на антифашистичката борба:
„Нашите дедовци, партизаните, се бореа рамо до рамо со народите на Советскиот Сојуз против заедничкиот непријател. Во борбата против фашизмот бевме обединети и таа солидарност е основа на нашата историска поврзаност, која сме должни да ја зачуваме. Во контекст на современата меѓународна нестабилност, особено е важно да се зачува историската вистина и да се спротивставиме на обидите за историски ревизионизам. Победата од 1945 година е победа на антифашизмот и победа на човештвото. Наша должност е да ја пренесеме оваа вистина на идните генерации, да го зајакнеме мирот заснован на почит, еднаквост и солидарност меѓу народите” – рекол Апасиев во својот говор.
Покрај присуство на парадата, Апасиев ќе има средби и со пратеници во руската Дума.