Апасиев: Не можете да спречите пролет, дури и да ги искорнете сите кокичиња!


Лидерот на Левица, Димитар Апасиев  ја нарече „скандалозно и досега невидено однесување на органите на власта“ спрема една парламентарна и регистрирана политичка партија одлуката за прв пат во историјата на независна Македонија само на Левица да и е забрането политичко претставување, односно платено рекламирање во приватните медиуми.
 
„Скандалот да е уште поголем – не само што ни се забранети државните пари кои по закон ни следуваат, туку и доколку би имале наши пари, ние ќе не можеме да се рекламираме, затоа што со едноставно пропуштање, односно неспоменување во четирите законски предвидени пакети, ние сме изоставени комплетно, како да не постоимe на политичката сцена. Ова е директна последица и пратен абер директно од премиерот преку неговиот подлизурко Зоран Трајчевски, ,вечен’ директор на АВМУ, којшто на овој начин се обидуваа да и ги скрати крилата на Левица.
Но, сакаме да им порачаме дека ова нема да помине, напротив, ќе има обратен ефект на бумеранг, бидејќи народот гледа како на една партија и се прави класична неправда!
 
 A во меѓувреме ние се екипиравме со адвокатски тим, ќе поднесеме ,акцио популарис’, односно тужба со временa мерка за стопирање на ова упатство и ќе бараме од Уставниот суд веднаш, уште денес, да се произнесе со временa мерка. Затоа што, не знам дали знаете – три вакви случаи имало досега и Уставниот суд прави финта, а тоа е дека кога поднесуваме ние претставка или иницијатива, тој го става актот за гласање во декември и констатира многу бегло дека актот повеќе не е во сила и нема што да оценува.
 Претчуствувам , како професор по право, дека овој случај ќе заврши во Стразбург, но тоа би траело две-три години од сега, така што штетата која сега ни е нанесена, ние парично ќе ја вратиме по две-три години, но ќе биде удар врз демократиjата во Република Македонија.
 Сакаме да порачаме дека Левица не се откажува ниту правно, ниту политички и дека Левица на овие локални избори ќе го достигне својот историски максимум, така што не можете да спречите пролет, дури и да ги искорнете сите кокичиња!”