Апасиев: Интерпелацијата за Тошковски е законски заснована


„Тошковски не е од вчера министер. Тој бил министер година дена: и од техничката влада на Талат Џафери, па преку новата политичка влада. Тој бил министер и во време на фалсификуваната лиценца. Ние сме земја која има колективни трауми досега. При секоја ваква колективна траума, прво нешто е министерот да си даде оставка, ако не и целата влада. Тошковски не прави разлика меѓу гнев и револт, но тоа е негов пропуст – истакна претседателот на Левица, пратеникот Димитар Апасиев, во емисијата ,,ТВ Објектив” на КТВ.

– Државата потфрли. Она што е суштински битно во овој случај е дека можеше да биде спречено. Не постои она што го кажува Обвинителството во Кривичното право – верижни реакции. Не постои такво нешто. Тргнувате да апсите од актуелни, па наназад, а не обратно“, вели Апасиев и додава дека интерпелацијата против министерот Панче Тошковски се базира на 10 точки од коишто 5 се однесуваат, стриктно, на трагедијата во Кочани.

Тој ја посочи првата точка за интерпелацијата на Тошковски и појасни дел од пропустите во однос на функционирањето на дискотеката во Кочани.

„Нашата интерпелација е законски заснована. Ние ги следевме законските одредби од Законот за угостителска дејност, од Законот за внатрешни работи, од Законот за полиција. Ги следевме сите ингеренции кои не биле применети во случајот. Тоа се кардинални пропусти“, објасни лидерот на Левица.
Тој говореше и за оставките што при вакви трагедии се поднесуваат од морални причини. 

– Првиот чин кога се случуваат вакви трагедии е оставка од морални причини. Тошковски нема капацитет да сфати што значи тоа. Го прашуваат новинари дали чувствува одговорност. Вели дека чувствува, а не дава оставка. Тоа значи дека ништо не чувствуваш. Оставка од морални причини значи дека немаш вина, ама од морални причини треба да дадеш оставка, бидејќи во твој мандат објективно се случил настанот и има системски пропусти и ти даваш оставка. ,,Миле ми текна”, Миле Јанакиевски, кога се удавија бугарските туристи во Охрид си даде оставка. Венко Филипче за Модуларната си даде оставка. Тогашните премиери измислија нов институт –  неприфаќање на оставка. Не можете да не прифатите оставка! По сила на закон, тоа е неотповиклива оставка – образложи Апасиев.

Во врска со кривичната што ја спремаат за премиерот Мицкоски и која ќе биде нареден чекор, Апасиев истакна дека тоа е кривично дело – попречување на правдата, односно, нудење или давање корист со цел да се саботира некоја истрага. 

– Следува кривична за Премиерот. Ќе следуваат и интерпелација за Премиерот и за Обвинителот; ќе следува и барање за надзорна расправа. Можеби, и Постојаната анкетна комисија ќе се активира, затоа што ова е трагедија која не смее да остане под тепих и која, најбитно – можеше да биде спречена, доколку се постапуваше согласно закон”. Што е постапка за разрешување на јавен обвинител, па не го разрешуваме, освен пазар? Ние во тоа гледаме попречување на правдата.

Апасиев смета дека за уапсените има криво поставено обвинение. 

– Скоро, грото од сите овие 40 – 50 луѓе кои се поапсени се за едно кривично дело обвинети, а тоа е ,,тешки дела против општата безбедност”. Прочитајте го битието на тоа дело и ќе видите дека нема врска со тоа за што ги обвинуваат. На пример, во делото пишува: ,,…тој што со пожар, поплава, зрачење ќе предизвика општа опасност и ќе настанат смртни последици…” Кажете ми како министерот или оној амбасадорот во Норвешка што бил, го предизвикал пожарот? Намерно ги поставуваат вака на криво работите. Значи, тој човек таму можел да одговара: за земање мито, за злоупотреба на положба, за фалсификување исправа, за сосем други кривични дела. Не може тој да одговара за предизвикување на пожарот и не може тоа правно да го браните со верижни реакции! Не постои такво нешто! Тоа е како вие да ме упукате со пиштол и да одговара производителот на пиштолот во ,,фабриката во Германија”. Во правото има причинско – последична врска и тоа е релевантно пред суд. Не е релевантно само дека јавниот гнев е насочен кон апсење – појасни Апасиев.