Апасиев го претрка Виктор Стојанов – прв се поклони на Гоце Делчев во Баница
Партиска делегација на Левица предводена од претседателот Димитар Апасиев го посети некогашното село Баница (Серско, Егејска Македонија) , местото на загинувањето и на првиот гроб на, како што порачаа, „војводата, учителот и апостолот на македонската народно-ослободителна борба“. Посета на истото место денес најави и првиот човек на бугарската Фондација „Македонија“ организирано со своите следбеници, најавувајќи дека таму ќе подигне спомен плоча на Делчев. Дали се сретнале Апасиев и Стојанов досега нема информација.
„Баница било село сместено на планината Шарлија (Бродска Планина), на 20-на километри од градот Сер. Во она време имало околу деведесет куќи населени исклучиво со Македонци. Кобната битка кај Баница во која на 32 годишна возраст загинува Делчев, предаден од пробугарските врховисти, се случува неколку дена по познатите Солунски атентати (1903), на кои Делчев лично бил сведок. Османлиската војска, кој го следела неговото движење, го бомбардирала селото со топови, а како одмазда ги запалила куќите. Во текот на двете балкански и Првата светска војна, Баница била трипати палена, а еднаш и црквата во која се наоѓале коските на Гоце, но тие за среќа останале неоштетени. Од раселеното село Баница денес е останата само камбанаријата на црквата, до која тече Фратска река, каде што делегацијата на Левица оддаде почит со палење свеќи и положување свежо цвеќе.
Токму до олтарот на селската црква се наоѓал и првиот гроб на Гоце! Дури во 1918 година неговите посмртни останки се откопани и однесени во Софија, откаде што – со дозвола на комунистичкиот лидер Георги Димитров – во 1946 година се пренесени во дворот на црквата ‘Свети Спас’ во Скопје, како главен град на новата социјалистичка држава Македонија“, пишува во соопштението на Левица.