Антонио Кошта не дава ни пет пари за предлогот на Орбан за Украина


Антонио Кошта

 

Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта го отфрли повикот на унгарскиот премиер Виктор Орбан за преговори за прекин на огнот во Украина.

Орбан го критикуваше самитот во Лондон, велејќи дека европските лидери „одлучиле дека сакаат да продолжат со војната наместо да се определат за мир“, нарекувајќи ја нивната позиција „лоша, опасна и погрешна“.

Унгарскиот независен медиум direkt36 изминатиот викенд објави дека Орбан испратил писмо до Кошта, барајќи итни преговори за прекин на огнот во Украина. Тој, исто така, предложи, како и прорускиот словачки премиер Роберт Фицо, дека ќе биде подготвен да стави вето на заклучоците на Европскиот совет подоцна оваа недела, на плановите за Украина.

Писмото на Виктор Орбан до Антонио Кошта

Кошта беше прашан за писмото од новинарите во понеделникот за време на неговата посета на Молдавија, но тој не звучеше особено загрижен и ги отфрли предлозите за прекин на огнот.

„Европската унија е мировен проект, а мировниот проект значи дека безбедноста и одбраната се неопходни приоритети, бидејќи мирот без одбрана е илузија. Никој не сака мир повеќе од Украинците, и секако, ние ги поддржуваме во постигнувањето на тој траен мир. Сепак, мирот не е само прекин на огнот, кој на Русија ѝ нуди повеќе време да се врати посилна. Она што го сакаме е праведен и траен мир“, одговори Коста.