Антонио Аргир: Банкарството е еден од столбовите за стабилност на нашата држава

„Како држава треба да се фокусираме на развој на инфраструктурата и таа треба да биде приоритет за целиот Балкан. Без инфраструктура нема економски развој на државата, а тоа ги поттикнува луѓето да се иселуваат“, изјави Антонио Аргир, искусен банкарски лидер со повеќе од 25 години искуство, во најновото издание на поткастот „Бизнис-клуб“ со Бранко Азески.
Во разговорот Аргир истакна дека вината што немаме добро развиена инфраструктура треба да ја бараме во нас самите. Според него, ако имаме добро развиена инфраструктура, ќе има побрза достапност до тоа што е потребно и нема да има причини за иселување на населението, особено од помалите места.
Во поткастот Аргир зборува за својот престој во Словенија како член на Управниот одбор на групацијата НЛБ одговорен за управувањето, плаќањата и за иновациите во неа.
Според Аргир, поголема е одговорноста кога се работи со туѓи отколку со сопствени пари, а за него банкарството е еден од столбовите на стабилност на државата, иако постои негативно гледиште за него.
„Банкарството е еден од столбовите на стабилност на нашата држава, не само финансиски, туку генерално, бидејќи банките, вклучувајќи ја и Народната банка, одиграа клучна улога во многу кризи – од конфликтот на Косово, преку конфликтот што го имавме кај нас дома, па сѐ до финансиската криза и политичките кризи, улогата на банкарството во Македонија е многу значајна“, потенцираше Антонио Аргир.
Запрашан за преголемата регулираност што ја имаат банките, што го отежнува работењето на компаниите, Аргир истакна дека таа регулираност е резултат на светската финансиска криза што се случи пред неколку години. Регулацијата го направи банкарството потранспарентно, посигурно, поотпорно и поодржливо. Според него, проблемот настанал кога се воведувале новите стандарди, а клиентите не се подготвени за таков пристап.