Антонијо Милошоски бил осуден во Германија за фалсификување исправа, открива СДСМ


 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски бил осуден за незаконски дела во Германија, информацијата на прес-конференција ја објави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Од СДСМ информираат дека судот во градот Ахен пред неколку години му пресудил на Милошоски за сторено кривично дело фалсификување исправи.

„За овој голем срам, Милошоски не треба да бега и да се крие, туку веднаш да излезе пред граѓаните.Тој има обврска за овој скандал јавно да се произнесе, исто како и Христијан Мицкоски. Какви кривични дела сторил во 2004 и 2005 година во Германија? Зошто ги криел податоците од граѓаните? Дали интензивното генерирање лажни вести е за да го прикријат  сопствените криминали?“- истакна Кузеска.

Од СДСМ напоменуваат дека доколку информациите бидат потврдени, тогаш Милошоски треба јавно да се извини, да побара прошка од граѓаните и веднаш да поднесе оставка.

„Партијата на Заев со фабрикувањето на лажни вести за наводно мое поседување на бугарски пасоши, авиони, покренување на монтирани случаи против мене се обидува да ме замолчи како опозиционен пратеник, реагираше на Фејсбук  Милошоски за обвинувањата.

„Пред 5 години ми фалсификуваа поседување на бугарски пасош преку неговиот другар Чауш, а потоа измислјаи и дека сум сопственик на авион кој го немам. Истата партија, која нечовечки се обиде да ја фалсификува вистината за убиството кај Смилковско Езеро, за смртта на Никола Младенов и малата Тамара, денес со слични дезинформации се обидува да измисли фалсификување на исправа во Германија, каде што сум стекнал две исправи, и тоа една факултетска диплома и еден сертификат за странски јазик. Но, најверојатно нервозата и потребата за дефокус расте токму кај власта која во Собранието е поддржана и од силувач на жени, од кого очекувам да си побараат оставка.

Наместо лажни вести и обид да ја замолчат критиката од опозицијата, време е владата да си понесе одговорност за лажните ветувања кон граѓаните и за економијата која е жртва на хибридниот режим и историски највисоката корупција – напиша Милошоски.