Антикорупциска работи нормално, претседателката не најавила оставка


 

Претседателката на Антикорупциската комисија, која е осомничена за оддавање на службена тајна во случајот „Адитив“, до овој момент не ја известила ДКСК дека поднесува оставка, иако нема пристап до предметите и службената комуникација. Според соопштението на обвинителството, Татјана Димитровска оддавала податоци преку апликации на својот телефон до еден од обвинетите во случајот со набавката на адитиви за РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“ за тоа до каде е истрагата и што се презема.

Од ДКСК на прашањето на „Инфомакс“ дали претседателката планира да си поднесе оставка одговориле дека до овој момент немаат таква информација.

„Ве известуваме дека Државната комисија за спречување на корупцијата нема информации за евентуална оставка од страна на претседателката. Државната комисија за спречување на корупција, во рамки на своите законски надлежности, продолжува да функционира редовно“, наведуваат во одговорот. 

Забраната за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело во конкретниот случај подразбира дека осомничената не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, воедно не може да гласа и да распределува предмети, информираат од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Сепак, на чело на ДКСК времено застанува заменик-претседателката Билјана Каракашова Шулев . Димитровска веќе втор ден е недостапна за комнетар околу случајот.

Дел од екс-антикорупционерите смеатат дека во вакви околности Димитровска треба да се повлече и на таков начин да овозможи непречена истрага, но и за да се заштити угледот на Комисијата.

„Ова е голема црна дамка врз ДКСК и нејзината работа, се губи кредибилитетот на самата институција кој беше тешко да се врати. Бидејќи обвинението е поврзано со нејзината функција, сметам дека има потреба од нејзино повлекување. По овој случај, сигурно ДКСК не може да продолжи да функционира нормално, ниту пак да има кредибилитет. Како тие ќе покренат било каква иницијатива или некој предлог против некого, кога тие самите се вмешани во корупција“, смета Гпран Трпеноски, поранешен член на ДКСК.

Кога се избираше новиот состав на ДКСК, тогашната ревизорка Татјана Димитровска доби најмногу поени од комисијата за селекција на новиот состав на антикорупциска. Димитровска доби максимални 100 поени од сите четворица пратеници од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и БЕСА. 92 бода доби и од заменик-народниот правобранител. За разлика од партиите, претставниците на граѓанскиот сектор Снежана Камиловска Трповска и Никола Додов на оваа кандидатка ѝ дале по 20 бодови. Татјана Димитровска беше прворангирана со вкупно 532 бодови.