Антикорупциска ги демантира наводите на Левица за наводниот „октопод“


 

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска на брифинг ги отфрли наводите на Левица дека во институцијата постои политичка мрежа на влијание, судир на интереси и селективно постапување по предмети. Претседателот на Комисијата, Адем Чучуљ, оцени дека обвинувањата се неосновани и целосно спротивни на начинот на кој функционира ДКСК.

Левица претходно објави соопштение во кое тврди дека постои „мрежа за контрола врз текот и исходот на предметите“, во која клучна улога ѝ се припишува на членката на Комисијата Цвета Ристовска и на лицето ангажирано во архивата, Татјана Наќева.

Чучуљ денеска изјави дека системот за распределба на предмети не дозволува никакви манипулации.

„Не се работи за никакво влијание врз распределбата, ниту пак тоа е можно да се оствари во пракса, имајќи предвид дека предметите се доделуваат по случаен избор преку електронскиот ДМС-систем“, рече тој, додавајќи дека ниту еден член на Комисијата, ниту претседателот, ниту вработените во секретаријатот не можат да влијаат врз тоа кому ќе му биде распределен предмет.

Во врска со наводите за ангажманот на Татјана Наќева, Чучуљ потврди дека лицето било ангажирано, но нагласи дека причините биле исклучиво технички – поради обемна, несредена архива од близу 7 илјади предмети и поради тоа била таа ангажирана. Договорот на Наќева ѝ истекувал на 29 јануари и нема потреба од дополнително негово ангажирање. „Морам да нагласам дека ова лице нема никакво влијание ниту врз доделувањето, ниту врз распределбата на предметите“, нагласи тој.

Тој потсети дека ДКСК работи како колективно тело и дека сите одлуки се носат на јавни седници, со мнозинство гласови.

На прашањето дали ДКСК ќе поднесе тужба за клевета, Чучуљ одговори дека Комисијата не сака да се вплеткува во дневно-политички конфликти и ќе продолжи да работи транспарентно.