Антикорупција проактивно да делува, да го користи КЗ за иницијативи за кривично гонење


Земјава бележи континуиран пад на листата на Транспаренси интернешенел во однос на перцепцијата на корупцијата, а најверојатно и на праксата. Генерално Антикорупциска комисија треба да се насочи во четири правци во постапувањето и тоа Законот за спречување корупција и судир на интереси, не само превентивно, туку и од аспект на истраги во делот на финансирањето на политичките партии и изборните кампањи и на испитување на имотната состојба. ДКСК да делува проактивно и да користи постојниот Кривичен закон во однос на иницирањето на кривично гонење.

Ова се дел од препораките од учесниците на денешниот експертски состанок на тема „Улогата на новоизбраната Државна комисија за спречување на корупцијата“ во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“-Програма за владеење на правото во ЈИЕ и Институтот за општествени истражувања МК-91.
Борбата со корупцијата не е лесна работа, истакна Биљана Ивановска, претседател на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), но искуствата покажуваат дека со системска превенција и општествено ориентирана борба, долгорочно можеме да постигнеме успех.

Информирајќи за новите проширени надлежности, досегашниот напредок, но и предизвиците со кои се соочува Комисијата, таа меѓу другото потенцира дека за поефикасно работење ДКСК ќе има директен електронски пристап за користење на базите на податоци на 17 институции, банки и други финансиски институции.

ДКСК досега има поведено две иницијативи за кривично гонење, а едната е за поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски, за вработувањето на неговиот внук. Од формирањето на Комисијата, вкупниот број на отворени предмети за спречување корупција е 276, од кои 263 се по пријави, а 13 се отворени по сопствена иницијатива. Четири предмети се согласно Законот за укажувачите. Отворени се и 78 предмети од областа на следење на имотната состојба, добиени се 22 приговори од овластен предлагач во текот на изборите, а од областа на судир на интереси по сопствена иницијатива се отворени 66 предмети, по пријави, претставки, барања и мислења 104, по проверка на изјавите за интереси 19 предмети и 23 прекршочни постапки.

Најголемиот предизвик за ДКСК, истакна претседателката Ивановска, е да изгради институционален интегритет, враќање на довербата на јавноста, медиумите, НВО и граѓаните.

– Недоволните материјално технички услови за работа, имплементирање на опремата што ја добивме од ЕУ во вредност од 670 илјади евра, зајакнување на човечките ресурси и капацитети, особено потребата од реорганизација и нова систематизација, недоволен буџет. Буџетот на Комисијата се определува во Министерството за финансии, но сведоци сме на примери од нашето опкружување, каде буџетот се определува од страна на Парламентот, а Комисијата самостојно ги организира финансиските и човечките ресурси и приоритети, рече Ивановска, говорејќи за предизвиците со кои се соочува ДКСК.

Владимир Георгиев, член на ДКСК, смета дека Комисијата покрај тоа што треба да ги детектира состојбите во одредени сегменти, треба и проактивно да делува.

– Конфискација, тоа е вистинската мерка кога говориме за борба против корупцијата. Ако му се одземе противправно стекнатиот имот на службеното лице, тоа е всушност е големата казан, смета Георгиев.
Исклучително важно, подвлече, е и постапувањето во делот на доброто владеење. Посочи дека во ДКСК има предмети од изминатите избори, во кои се е согласно и во рамки на закон, меѓутоа нарушено е доброто владеење, етичноста, интегритетот на институцијата, затоа што на одреден начин се врши влијание врз избирачите во одредени региони.

За професорот Никола Тупанчевски од Правниот факултет во Скопје и поранешен национален претставник во ГРЕКО, амбициозниот почеток на новиот состав на ДКСК треба да има некакви резултати, затоа што мерило на квалитетот на работата е донесеното решение, одлука или евентуално некаква пресуда што се однесува на оваа проблематика. Сугерира до ДКСК за да направи прогрес, да го разгледа членот од постојниот Кривичен законик за противправно стекнување и прикривање имот, за што е предвидена казна и повисока од пет години затвор. Посочи и на други членови кои се во насока на сузбивање на корупцијата во земјава, меѓу кои за несовесно работење во службата, како идеален член за кривична одговорност, доколку постои сериозна злоупотреба на дискреционите овластувања.

– Во корупција влегуваат и појавите што најчесто ги нарекуваат „трговија на интереси“, а се однесуваат на софистицирана форма на корупција, давање и примање награда за противзаконито влијание, рече Тупанчевски и изрази загриженост за доцнењето на извештајот од ГРЕКО.

Посочи дека сите покренати постапки за перење пари и злоупотреба на службена должност, според нивните истражувања во изминатите години, завршуваат со пресуди – условна осуда, а се разликуваат базите на податоци во надлежните институции.

– Ако условната осуда како превентивна мерка е најважната алка во сузбивање на високата корупција, тогаш уште сме на почеток, потенцира Тупанчевски.

Кога станува збор за медиумите во однос на спречување и борбата против корупцијата, Искра Коровешовска, новинар во ТВ Алфа, учесник во дебатата, нагласи дека демократијата почнува и завршува со медиумите и политичарите, и функционерите би требало да одговараат пред професионалните медиуми и пред независното судство.

Хартмут Ранк, раководител на секторот за владеење со правото во ЈИЕ во Фондацијата „Конрад Аденауер“, прецизира дека оваа програма се имплементира во 10 земји преку различни активноста, јавни активности и публикации.

– Ќе дискутираме како да ја поддржиме работата на ДКСК, кои се главните проблеми во владеењето на правото и да ја поддржиме земјата во нејзиниот пат за членство во ЕУ, рече Ранк.