Антигва и Барбуда отстранета од листата на ЕУ на „даночни раеви“


 Европскиот совет денеска реши да ја отстрани малата карипска држава Антигва и Барбуда од листата на ЕУ на „некооперативни земји и територии за даночни цели“.  

Советот посочува дека ваквата одлука е донесена откако Антигва и Барбуда направила измени на важечките даночни правила. 

Државата, која има нешто над 100 илјади жители, беше ставена на листата на ЕУ на „даночни раеви“ во октомври 2023 година, врз основа на негативната оценка дадена од Глобалниот форум на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) поради начинот на „размена на барани информации“ поврзани со даночните обврзници. 

Со отстранувањето на Антигва и Барбуда, на оваа листа остануваат 11 земји или територии и тоа Американските Девствени Острови, Американска Самоа, Ангвила, Вануату, Гуам, Палау, Панама, Русија, Самоа, Тринидад и Тобаго и Фиџи. 

Во соопштението на Советот се изразува жалење што овие земји и територии на „се уште не соработуваат за даночни прашања“ и апелира до нив да ја подобрат својата законска рамка за надминување на идентификуваните проблеми.  

Советот уште додава и дека океанските држави Палау и Фиџи направиле „ветувачки чекори за усогласување со критериумите“ за даночните политики, но дека тоа се уште не е доволно за ниво отстранување од листата. 

Листата на ЕУ на некооперативни земји и територии за даночни цели е изработена во декември 2017 година, како дел од Стратегијата на Унијата за оданочување во странство и има за цел да придонесе за промоција на принципите на „добро даночно владеење“ ширум светот. 

Некооперативноста се проценуваат врз основа на низа критериуми утврдени од Советот, како даночна транспарентност, правично оданочување и имплементација на меѓународните стандарди за спречување на намалувањето на даночната основица и помало оданочување на остварениот профитот. 

ЕУ прави периодични прегледи на состојбите поврзани со ова прашање и врз основа на нив се врши ажурирање на листата. Од 2020 година листата на „даночни раеви“ е ажурирана во два наврати. Следниот преглед е предвиден за февруари 2025 година.