„Антево Перо“ за 2025 за стихозбирката „Ние сме Ева“ од Оливера Андоноска


 Стихозбирката „Ние сме Ева“ од Оливера Андоноска е наградена со „Антево Перо“ за 2025 година. Одлуката едногласно ја донесе жири-комисијата за доделување на наградата во состав: проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска (претседател) и д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови).

Наградата „Антево перо“ ќе озвоможи печатење на наградената стихозбирка во специјалната едиција на наградени автори. Наградата „Антево перо“ за 2025 година се доделува како исклучително македонско поетско признание за необјавена поетска книга (поетски ракопис).

Тимот на „Антево перо“ информира дека од пристигнатите 70 стихозбирки, во потесен избор за наградата влегле и стихозбирките на Мимоза Рајл – „Кој ги пали сите ѕвезди“, ЕмељТуна – „Пу, пу не важи“, Анета Велкоска Ода – „Каде се пресоблекува непостојаниот збор“, Владо Поповски – „Под некое друго небо“, Владо Јаневски – „Молкозбор“, Шифра: Живот во засек – „Женопојки, митопојки“ и Кирил Ангелов – „Твоја, Таговина“.

– Поетскиот израз на Оливера Андоноска е создаен од јасни поетски слики надополнети со графички интервенции кои одлично комуницираат со поетскиот текст и придонесуваат во создавањето на една целосна слика за пораките кои се пренесуваат. Балансираната употреба на поетските изразни средства создава поезија која е ненаметлива, навидум едноставна, но која има внатрешна, скриена порака која остава на читателот самиот да ја пронајде и соодветно на сопствените искуства и познавања на нештата да ја декодира. Употребата на универзалните симболи отвора можности за бројни интертекстуални читања од кои дел се сугерирани од самата авторка, а дел можеме да ги пронајдеме, пред сè во македонската книжевност, но и во делата на светските книжевни великани, стои во одлуката. 

Преку употребата на симболот на Ева, Андоноска, како што се наведува, нема за цел да го истакнува женскиот принцип во чиста феминистичка смисла. Нејзината цел е да укаже на унијата на машкиот и женскиот принцип, на заедништвото на духот и душата кои потоа се отелотворуваат во плодот на нивната љубов – детето.

Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ традиционално ја доделува и наградата „Антев златник“ која оваа година, комисијата одлучи да им припадне на: Анета Велкоска Ода, за збирката „Каде се пресоблекува непостојаниот збор“ и Владо Јаневски за збирката „Молкозбор“.

Жирито дискутирало и за петте стихозбирки кои влегле во потесен избор за наградата „Антев часовник“, што се доделува со цел откривање и афирмација на нови, млади, талентирани поети кои творат на македонски јазик и тоа: Ива Шајноска – „Збирка“, Вероника Димоска – „Омеѓување“, Костадин Узунов – „Гравитација кон Индомина“, Софија Тодороска – „Првото утро на цутарот“ и Николина Савеска – „Патот кон себе“. Комисијата донела одлука наградата „Антев часовник“ за 2025 година да биде доделена на двајца млади поети и тоа: Софија Тодороска за поетското сочинение „Првото утро на цутарот“ и Вероника Димоска за збирката песни „Омеѓување“.