Анкета во Србија: Граѓаните веруваат во лидер со „цврста рака“

Резултатите од анкетата на Белградскиот центар за безбедносна политика би можеле да се сведат на една реченица - во Србија нема демократија, а не е ни пожелнa


 

Белградскиот центар за безбедносна политика (БЦБП) спроведе истражување за тоа што мислат српските граѓани за состојбата на демократијата во Србија, колку им веруваат на институциите и дали се подготвени да се приклучат на активистичка иницијатива. Резултатите би можеле да се сведат на една реченица – во Србија нема демократија, а не е ни пожелнa.

Од една страна, граѓаните во голема мера се свесни дека во Србија нема демократија, дека политичарите се корумпирани и дека институциите не си ја вршат работата, но, од друга страна, излезот од сегашната ситуација го гледаат во лидерот  „со цврста рака“.

Имено, речиси една третина од српските граѓани оценуваат дека во земјата нема демократија, додека половина од испитаниците сметаат дека таа има помалку или повеќе проблеми. Според БЦБП, објаснувањето за ова може да се најде во ставот на граѓаните дека главните одлуки во државата ги носи извршната власт, дека политичарите ја користат власта за остварување на свои лични интереси и дека корупцијата од домашни или странски извори е главна движечка сила во државата.. Според испитаниците, институциите се многу корумпирани и злоупотребени од политичарите, а одговорноста треба да ја преземе лидер кој е стручен и со „цврста рака“.

Зоран Гавриловиќ, истражувач на БИРОДИ, за „Данас“ изјави дека овие резултати се во согласност со наодите на БИРОДИ од 2019 година, според кои 8 од 10 испитаници се согласуваат со ставот дека на Србија ѝтреба лидер со цврста рака.

„Кога ќе се погледнат медиумските анализи што ги прави БИРОДИ, се создава таква медиумска слика и таа е дека лидерот е пред законот и процедурата и ги решава сите проблеми од локалните до ОН. Оваа констатација е последица на популистичката индустрија што ја имаме, а која е во функција на она што се нарекува лична моќ“, истакнува Гавриловиќ.

Според него, целта на популистичката индустрија е да ги аполитизира граѓаните, односно „да развие став да не се занимаваат со политика, туку дека тоа ќе го направи ледорт наместо нив“.

„Втората цел на популистичката индустрија е да го уништи интегритетот на институциите на тој начин што тие не си ја вршат работата, туку лидерот наместо нив. Третата цел на популистичката индустрија е депрофесионализацијата, што значи дека за оние кои се занимаваат со јавна работа не е важна професијата, туку лојалноста кон лидерот во извршувањето на својата месијанска улога“, истакнува Гавриловиќ.

Според резултатите од истражувањето на БЦБП, само 20 отсто од испитаниците учествувале во некоја активистичка акција. Исто така, за испитаниците не се на врвот на листата на приоритети активизмот и промена на власта преку демонстрации како излез од сегашната ситуација.

„Најмногу се за лустрација на одговорните, како и за формирање на специјално обвинителство и полиција составена од чесни луѓе. Но, со оглед на тоа што, според испитаниците, споменатите институции се многу корумпирани и злоупотребени од политичарите, се поставува прашањето како ќе се одвива овој процес. Имаат ли институциите доволно ‘чесни луѓе’ и како да се соберат и организираат. Се добива впечаток дека граѓаните очекуваат оваа одговорност да ја преземе лидер кој е стручен и со ‘цврста рака’“, се заклучува во истражувањето.

Белградскиот центар за безбедносна политика го спроведе истражувањето на јавното мислење во периодот од средината до крајот на септември 2021 година, во живо, на примерок од 1.000 српски граѓани. (Данас)